На граѓани им биле читани имиња на пратеници и пратенички избрани од нивната изборна единица, за тие да кажат кој е нивниот избран претставник во Собранието. Дури 61% кренале раменици. Последната анкета на Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ покажува дека граѓаните не ги знаат пратениците кои ги избрале ниту тие се обидуваат да ја сменат ваквата перцепција.
Уште поголем е бројот на граѓани кои никогаш не контактирале со својот пратеник – 87% од испитаниците одговориле дека никогаш не се сретнале со пратеникот, податок што е потврда дека пратениците мора да најдат начин да се доближат до граѓаните кои гласале и ги избрале.
Пратеничките канцеларии кои требаше да ја олеснат комуникацијата меѓу пратениците и граѓаните остануваат непознати за јавноста – 73% од испитаниците изјавиле дека не се запознаени со пратеничките канцеларии, наспроти 5% од испитаниците кои рекле дека посетиле некоја пратеничка канцеларија. Граѓаните не се задоволни ниту од работата на пратениците кои според нив работата за лични а не за јавни интереси.

Огромно мнозинство граѓани рекле дека „пратениците во Собранието секогаш ги застапуваат своите лични интереси, интересот на потесниот круг на партиското раководство или на бизнис заедницата“. Само 9% од испитаниците рекле дека пратениците ги застапуваат интересите на сите граѓани.
Од другите одговори што ги дале граѓаните преовладува мислењето дека Владата има поголема контрола врз Собранието наместо Собранието кое треба да ја контролира Владата, според својата уставна надлежност, а во однос на пратеничките прашања 57 проценти рекле дека никогаш не ги следат. Поради овие причини и оценката која граѓаните ја дадоа на Собранито е средна 2,7 на скала од 1 до 5, каде што 1 значи дека воопшто не се задоволни, а 5 дека се многу задоволни. Иако има благо подобрување на перцепцијата, имајќи предвид дека во анкетата спроведена во претходната година средната оцена изнесувеше 2.5, сепак, оцената за работата на Собранието и натаму останува под средната вредност на скалата, што укажува дека генералното задоволство кај граѓаните сè уште е релативно ниско.

Истражувањето ја мереше и довербата на граѓаните во другите институции и перцепцијата за тоа во која насока се движи државата.
Половина од испитаниците (51%) рекле дека животот во државата се движи во погрешна насока, додека повеќе од една четвртина од испитаниците (28%) сметаат дека животот се движи во правилна насока.
Во однос на довербата на граѓаните во јавните институции, во 2026 година не се забележуваат поголеми промени во споредба со претходната година.
Верските заедници и војската и натаму се институциите во кои граѓаните имаат највисока доверба, иако кај двете се забележува благ пад во споредба со 2025 година, односно од 6.3 на 5.9 кај верските заедници и од 6.1 на 6.0 кај војската. Потоа следуваат медиумите и полицијата, со средна оцена од 5.3, при што довербата во медиумите бележи благ раст, додека кај полицијата останува непроменета.
На скала од 1-најниско до 10 – највисоко, довербата на граѓаните во Собранието е 4.8, во Владата е 4,7, а во Претседателот на државата е 4.9.

Раст, иако умерен, има и кај судството и јавното обвинителство, кои во 2026 година се оценети со 3.5 и 3.6. Од друга страна, довербата во локалната власт бележи мал пад, од 5.1 на 5.0, додека довербата во политичките партии останува непроменета, со оцена 4.0.
Заклучокот од истражувањето е дека највисока доверба и натаму има во институции што не се директно поврзани со дневнополитичката арена, додека институциите на правосудниот систем и понатаму се меѓу најниско оценетите, иако и кај нив се забележува благо подобрување.











