Надлежните бараат промена на возниот ред, граѓаните сакаат поредовен јавен градски превоз. Сметаат дека има линии на кои се потребни повеќе автобуси. И Општина Сопиште, преку допис до медиумите, се пожали на нередовен јавен превоз и побара итно решавање на проблемот.
„Подолг период, јавниот превоз на линија 58 не се одвива по утврдениот возен ред, а речиси секојдневно дел од утврдените поаѓања воопшто и не се реализираат, што ги остава жителите на Општина Сопиште без соодветна и навремена врска со градското подрачје“, реагираат од Општина Сопиште.
Надлежните бараат промена на возниот ред, за како што велат да се подобри јавниот градски превоз.
„Измена на возните редови Советот на Град Скопје гласа врз анализи на ЈСП Скопје,а со цел усогласување на времето на патување на возилата со времето на чекање на патниците. Дополнително Советот на Град Скопје, трета година по ред не дозволува набавка на нови автобуси со што не постои можност ЈСП да го обнови возниот парк, а старите дотраени возила не се во можност да ја испорачаат транспортната услуга по веќе застарениот возен ред“, велат од секторот за сообраќај на Град Скопје.
Мартин Стојановски, кој е советник, но и претседател на комисијата за сообраќај во Град Скопје, вели дека со оваа одлука ќе има 92 намалувања, па затоа како советничка група нема да дозволат редуцирање на возниот ред.
„Апелирам до граѓаните да останат спокојни, ние сме тие кои што секогаш ќе бидеме на нивна страна и нема да дозволиме да никој ги намали автобусите во текот на денот. Инаку јас сум и претседател на комисијата за сообраќај во Градот Скопје во кои што побарав од секторот да ни достават пред седница колку поаѓања во текот на денот би биле намалени. Тоа е фрапантна бројка. Градот Скопје и ЈСП бараат 92 намалувања во текот на секој ден. Што е огромна бројка и затоа ние не се согласуваме со намалување на возниот ред“, истакна Мартин Стојановски, советник од ВМРО-ДПМНЕ во Град Скопје
Од советничката група на СДСМ велат дека ЈСП, во недостаток на доволен број на исправни автобуси за редовно реализирање на возниот ред, одамна не ја почитува Одлуката.
„Според Одлуката, имаме возен ред за автобуска линија Х, на која автобусите треба да доаѓаат на секои 10 минути, а во пракса, заради веќе споменатиот недостаток на автобуси, не доаѓаат. Граѓаните, водејќи се од постоечкиот возен ред кој не се реализира, се доведени во заблуда и чекаат повеќе од планираното. ДПМНЕ и коалицијата, како мнозинство во Советот на Град Скопје, не само што треба да ја изгласаат предложената измена, туку требаше тие да ја иницираат. Затоа што тие им ветија на граѓаните 250 нови екоавтобуси и бесплатен превоз за сите и ги излажаа. Ако си го реализираа предизборното ветување и ако не ја опструира имплементацијата на проектот БРТ, Скопје денес ќе имаше нов современ концепт на јавен превоз по пример на останатите метрополи“, велат од СДСМ.
Пред околу еден месец на седница на совет се најде Предлог-Одлука за изменување на Одлуката за линиски превоз на патници во градот Скопје, но советниците не ја изгласаа, па нов обид ќе имаат на утрешната седница.
Симона Петровска











