Грчкото Министерство за надворешни работи ги осуди изјавите на македонскиот премиер Христијан Мицкоски, кој во Њу Џерси го опиша македонското прашање како „нерешено“ и „постоечко“.
Во соопштението, Грција нагласува дека ова претставува провокација и обид за ревидирање на Договорот од Преспа, кој како што велат го решил прашањето „дефинитивно и неотповикливо“.
„Грција потсетува дека за дополнителниот напредок во билатералните односи со Северна Македонија и непреченото продолжување на европскиот пат на соседната земја предуслов е целосното почитување на Договорот од Преспа и секако воздржување од иредентистички декларации и претензии кон соседните земји“, пишува во соопштението на грчкото МНР.
Реакцијата од грчкото МНР доаѓа по изјавата на премиерот Мицкоски од САД во која рече дека „треба да победуваме и во Вашингтон, Брисел, Берлин, Лондон, Париз, Рим и други светски метрополи ако сакаме македонското прашање конечно да добие своја разврска бидејќи тоа не е решено, тоа со векови тлее и трае и сè уште постои“.











