Грција разгледува нов пакет мерки за олеснување на протокот на патници и возила на граничните премини, со цел намалување на гужвите по воведувањето на европскиот систем за биометриски проверки ЕЕС.
Одлуката е донесена на состанок во Солун, свикан од заменик-министерот за внатрешни работи надлежен за Македонија и Тракија, Константинос Гулекас.
Мерките предвидуваат зајакнување на информатичките системи за побрзо спроведување на граничните контроли, како и можност за поставување привремени технички решенија за забрзување на сообраќајот на премините Евзони и Кипи.
На состанокот било истакнато дека зголемениот туристички и трговски сообраќај, заедно со новите биометриски проверки, создаваат дополнителни доцнења.
Паралелно, грчките власти најавија теренски посети на специјални тимови за проценка на ситуацијата и примена на новите мерки.
Министерот за заштита на граѓаните, Михалис Хрисохоидис, порача дека земјата мора целосно да ја имплементира европската регулатива, но призна дека дел од проблемите се поврзани и со застарена инфраструктура на граничните премини.











