Поранешниот македонски премиер Никола Груевски добил унгарско државјанство во 2022 година врз основа на „унгарски државен интерес“, објавува истражувачкиот портал „VSquare“, повикувајќи се на извори од унгарската влада.
Според истите информации, се верува дека тој и понатаму живее во Унгарија.
Според анализата, добивањето државјанство значително ја отежнува евентуалната екстрадиција, бидејќи претставува многу посилна правна заштита од политички азил.
Азилот може полесно да се повлече, додека одземањето државјанство е сложена правна постапка и обично бара докази дека е стекнато со измама или неправилности.
Груевски ја напушти Македонија во 2018 година, непосредно пред да започне издржување на затворска казна во предметот „Тенк“, поврзан со набавка на луксузно возило.
Подоцна доби политички азил во Унгарија, а новите информации дополнително ја отвораат дилемата околу можноста за негова екстрадиција во иднина.











