Старото хидројаловиште во градот Пробиштип кое е едно од најжешките еколошки точки во државата се очекува наскоро да се санира. На овој простор на површина од околу 50 хектари рудникот за олово и цинк „Злетово“ со години го има депонирано отпадот од преработката на рудата.
Старото рударско езеро е напуштено, па по него расте трска и трева, а општината подготви проект за негова за санација. Градоначалникот Тони Тоневски смета дека со реализација на проектот, трајно ќе се затвори едно од најсериозните еколошки прашања во источниот регион.
„За почеток ќе започнеме со одводнување на старото јаловиште. Понатаму ќе продолжиме со дел насипување, дел со поставување на геосинтетска глина или мембрана која нема да дозволи водата повторно да влегува во него и ќе продолжиме со рекултивација, односно посипување на хумус на косините и на рамниот дел на јаловиштето“, изјави Тони Тоневски, градоначалник на Пробиштип.
Секоја локална власт имаше свои идеи за решавање на старото хидројаливиште во Пробиштип, почнувајќи од негова експлоатација, како секундарен рудник, до изградба на фотоволтаична централа. Актуелниот градоначалник, Тоневски сега смета дека граѓаните се тие кои треба да ги дадат идеите за овој простор, од паркови до урбана зона. Наредната недела ќе почнат со анкетата преку која граѓаните на Општина Пробиштип ќе се изјаснат што на овој простор треба да има.
„Во минатото имаше еден проект, односно иницијатива за измена на планската документација, за поставување на фотоволтаици. Јас, како градоначалник, лично не се согласувам со тоа, бидејќи се работи за непосредна близина на градско подрачје. Меѓутоа, за тоа ќе ги прашаме граѓаните“, додава Тоневски.
Во ова хидројаловиште поранешниот рудник за олово-цинкова руда Злетово низ децениите има депонирани повеќе од 10 милиони кубни метри отпад. Во него има олово, цинк, кадмиум и други тешки метали кои се ризик за здравјето на мештаните, но и животинскиот и растителниот свет.
Викторија Јованова











