Со порака да не ги повторуваме грешките од минатото, зашто генерациите после нас можеби не ќе можат да живеат во независна и суверена Македонија, премиерот Христијан Мицкоски, повика на единство на македонскиот народ, на отворањето на научниот симпозиум, организиран по повод 80 години од Првото заседание на АСНОМ.
- Мораме да најдеме начин сите оние порази на маса и капитулации што се случија изминативе седум години , да најдеме начин како да ги избалансираме и корегираме. И тоа нема да биде лесно , во услови на големи предизвици во светот, во услови на војна во Украина, Блискиот Исток и на други делови од светот. Во услови кога никој ја нема во својата зеница малата Македонија во срцето на Балканот, ќе биде многу тешко и затоа ни треба единство, кажа премиерот Христијан Мицкоски.
Евроскептицизмот кој се јавува во последно време во Македонија , е резултат на пречките неправедно поставени од ЕУ на нашиот европски пат, најмногу поради преземените обврси со договорите со Грција и Бугарија, кажа претседателот на МАНУ, Живко Попов. Според академик Попов , земјата направила компромиси со промената на државното знаме и со името , со што делумно се нарушени принципите на АСНОМ.
- Треба да сме свесни дека само преку рамноправен дијалог и соработка со соседите и ЕУ мора да се дојде до разумни и прифатливи решенија за создадените проблеми, зачувувајќи го при тоа културното и историското наследство кое му припаѓа на македонскиот народ, како европска вредност, кажа академик Живко Попов, претседател на МАНУ.
Според премиерот Мицкоски, за да се избориме за нацијата и за државата потребна е ренесанса во економијата, нулта толеранција за криминалот и корупцијата и разграничување- политичарите да се занимаваат со политика , а бизнисмените со бизнис.На тој начин, во Македонија ќе се сетат и ќе се вратат стотици илјади Македонци од соседството и милиони од светот, рече премиерот. Тој во говорот ја истакна и потребата од демографски раст на земјава и кажа дека ќе биде патриотски чин , ако оние што решиле да создадат семејство со татко- маж и мајка- жена, од различни полови, создадат многудетни семејства.
Сотир Трајков











