По најавите за дестабилизација на државата и евентуални протести наесен, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски оцени дека безбедносната состојба во државата не е загрозена. Засега тој е на ист став со претседателката Гордана Силјановска Давкова дека нема потреба од свикување на Советот за безбедност. Воедно МВР, како што рече, е подготвено и ќе одговори на секој предизвик во рамки на своите надлежности.
„Сметам дека во овој момент нема потреба од свикување на тоа тело, затоа што ќе повторам има информации и најави, но сметам дека во овој момент не е безбедносната состојба загрозена до тој аспект да има потреба да се свика Советот за безбедност“, рече Тошковски.
Од СДСМ реагираа дека Силјановска и Тошковски го демантираат премиерот Мицкоски. Според опшозициската партија, очигледно најавите на Мицкоски за некаква дестабилизација биле без основа, односно не се ништо друго освен сценирање, заплашување и манипулација со чувствата на граѓаните.
Тошковски пак информираше и дека истраги има и за поранешни и за сегашни функционери, како и за други лица, но прашањето е дали тие ќе бидат спроведени во законска постапка и ќе се процесуираат, како што беше случајот со врховниот судија Наќе Ѓорѓиев и членот на Советот на јавни обвинители Иџет Мемети, кои признаа вина за земање на мито и се спогодија со обвинителството.
„Ако имаме истраги и процесни дејствија коишто на крајот ќе резултираат да корумпираните судии, јавни обвинители, функционери итн. ги отстраниме од општествениот живот во Македонија, тоа значи дека сме ја постигнале целта. За разлика од порано како што ги работеа предметите со бркање на вештерки и измислување на лажни фактички состојби, ние сега тоа не го правиме“, посочи Тошковски.
За 189 незаконски распоредувања во МВР министерот додаде дека нема точна информација за колку бил оштетен буџетот, а во изминатиот период се утврдувало како ќе тече процесот и ќе се постапи согласно мислењето на Антикорупциска.
Во јули ДКСК донесе одлука да покрене иницијатива за кривично гонење за поранешниот заменик-министер во МВР, од редовите на ДУИ, Назим Буши, бидејќи распоредувањата биле за време на изборите.
Марија Митевска











