Владата на палестинскиот премиер Мохамад Штајех поднесе оставка. „Одлуката следува по серијата настани поврзани со агресијата, геноцидот и сиромаштијата во регионот“, соопштија од кабинетот што управува со делови од окупираниот Западен Брег. Палестинскиот претседател Махмуд Абас е под притисок на САД да почне да работи на политичка структура којашто ќе може да раководи со палестинска држава по војната.
Следната фаза и нејзините предизвици бараат нова владина и политичка организација којашто ќе ја земе предвид актуелната реалност во Појасот Газа, разговорите за национално единство и итната потреба за меѓупалестински консензус базиран на национална основа, широко учество, обединетост и проширување на палестинската власт преку целата палестинска земја, изјави Штајех.
Во меѓувреме, израелската војска нападна цели на Хамас во Либан како одмазда за дронот што им беше соборен од страна на Хезболах над јужниот дел на оваа земја. Премиерот Бенјамин Нетанјаху пред неколку дена го најави предлогот за Газа по војната и нагласи дека воената офанзива во градот Рафа – најјужниот град во енклавата – може да биде одложена доколку биде постигнат договор за повеќенеделен прекин на огнот со Хамас.
Хуманитарните групи предупредуваат – се соочуваме со катастрофа, Рафа е главната влезна точка за помош во Газа.
„Дојдов за да земам брашно. Во Газа нема храна. Бараме решение од слободниот свет“, изјави Або Мохамад, Палестинец којшто чека хуманитарна помош.
Од Обединетите Нации тврдат дека не можат да достават пакети повеќе од еден месец во северните делови на енклавата.
„За прв пат го повикав Членот 99 во својот мандат да се изврши најголемиот притисок врз Советот за да преземе сѐ што е во негова моќ да го запре крвопролевањето во Газа и да ја спречи ескалацијата. Но тоа не беше доволно. Меѓународниот хуманитарен закон и натаму е под напад. Десетици илјади цивили, вклучувајќи жени и мажи, се убиени во Газа“, порача генералниот секретар на ООН Антонио Гутереш.
Израел му објави војна на Хамас по смртоносниот напад на седми октомври во кој бунтовниците усмртија над 1000 лица, а во заложништво зедоа 250 луѓе. Од нив, околу 100 се сѐ уште заробени.
Оттогаш во светот се организираат масовни протести за поддршка на едната или другата страна. Во последниот инцидент, американски воен пилот се самозапали пред израелската амбасада во Вашингтон. Пред да се полее со бензин порачал дека веќе не сакал да биде соучесник во геноцидот. Снимката што се емитуваше во живо на интернет беше набрзо отстранета.
Маја Стојаноска-Филдишев











