Уставните судии утре ќе оценуваат дали се уставни измените на Изборниот законик, со кои независните кандидати практично се исфрлаат од игра. Наместо потребните 1.000 потписи за воопшто да можат да поднесат листа на кандидати, како што беше во стариот закон, со новите измени ќе им бидат потребни четири до пет илјади повеќе. На пример, за учество на парламентарните избори досега беа потребни 1.000 гласа од изборна единица, а сега ќе им требаат четири до пет пати повеќе. На локално ниво имаше градација од 100 до 1.000 гласа, а сега на пример, за да се поднесе независна листа за градоначалник на Скопје, се барат 4.700 потписи или повеќе од гласовите што ги добил еден советник во градот.
Мислење од уставните судии побараа активисти од шест граѓански организации кои сметаат дека значително подигнатиот праг ги загрозува независните иницијативи и сериозно ги дискриминира граѓаните и нивното право да учествуваат на избори. Укажуваат дека со новите одредби, кои беа предложени од СДСМ, ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ и едногласно донесени, се прекршени повеќе членови на Уставот.
Уставната иницијатива е поднесена од екоактивистите „Зелен институт“, „Стига е“, „Независни од Карпош“, „Зелени од Гази Баба“, „Зелен хуман град“ и „Шанса за Центар“. За нив е спорно и што измените се донесени во нетранспарентна и скратена постапка, без претходни консултации и јавна расправа.
Далиборка Демјанска Цветановска











