Апелациониот судија Енвер Беџети сè уште не се огласил, откако беше ставен на американската „црна“ листа. Судски совет иницирал дисциплинска постапка против него, дознава Телма. Во првата постапка за неразумно долгото чување на предметот „Таргет-Тврдина“, мнозинството членови го спасија од разрешување и доби парична казна. Овојпат „црната листа“ е нов повод. Судскиот совет без претседател, но со нови двајца членови избрани од судиите. Една од нив, сопруга на градоначалникот на Радовиш, Данка Ристова. За СДСМ скандалозна партизација на судството, за ВМРО-ДПМНЕ избран е професионалец.
Член на Судскиот совет иницирал постапка за одговорност на апелациониот судија Енвер Беџети, откако се најде на црната листа на САД со Груби, за вмешаност во значителна корупција, за примање поткуп во врска со судските процеси поврзани со екс директорот на УБК Мијалков, дознава Телма. На наредната седница се очекува да биде формирана комисија која треба да одлучува по барањето за поведување на постапка за нестручно и несовесно работење.
Судски совет еднаш веќе парично го казни Беџети, шест месеци по 20 отсто плата поради чување на предметот за масовното прислушување во фиока повеке од девет месеци. Извори од советот за Телма велат дека новата иницијатива е по друга основа.
Од тогаш е делумно сменет и составот на Судски, но и тие што тогаш го бранеа, сега ќе немаат аргументи, затоа што станува збор за американската „црна листа“, оценуваат нашите извори.
Судски совет е и без претседател, откако Весна Дамева си поднесе оставка во која меѓу другото ги посочи притисоците од власта и изјавите на премиерот дека на местото на актуелните членови на судски треба да дојдат „нивни” луѓе.
Изборот на нејзин наследник се одложи поради отсуство на дел од членовите, но и за да се почека изборот на новите членови. Вчера судиите ги избраа Данка Ристова од штипска Апелација и Аритон Ала од скопска Апелација за членови на Судски совет. Ристова е сопруга на градоначалникот на Радовиш, Ацо Ристов од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Скандалозен избор и брутална партизација на судството, наместо реформи, реагираше опозициската СДСМ,
„Ова се партиски инсталации во судството, како во време на режимот. Истото тоа што го правеше ДПМНЕ порано, се прави и сега. Чист обид за поставување на контролирано, партиско судство кое нема да служи на граѓаните, туку на нивните интереси ВМРО-ДПМНЕ е партија која секогаш кога е на власт имала една единствена цел, ставање на судството по контрола и сега тоа го докажува на дело“, изјави Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.
Од ВМРО-ДПМНЕ одговорија, Данка Ристова е професионалец. Обвинувањата дека градоначалник на мала општина како Радовиш има било каква моќ или влијание врз процеси од национален карактер, како што е изборот на членови на Судскиот совет, се апсурдни велат од партијата на Мицкоски.
„Данка Ристова е докажан професионалец кој повеќе од 30 години е во правосудството и таа е избрана со мнозинство гласови на непосредни избори, каде гласале судиите од штипското апелационо подрачје, вклучително и Струмица и околината. Граѓаните знаат како се бирани судиите во Струмица и кој ги бирал, но и во цела Македонија. Оттука небулозно е да се тврди дека ВМРО-ДПМНЕ може да влијае на нејзиниот избор“, одговорија од ВМРО-ДПМНЕ.
Во конкуренција од пет судии Данка Ристова добила најмногу, 27 гласа, а Аритон Ала за кого се гласаше во сите судови и беше единствен кандидат доби 253 гаса. Како членови на Судски седнуваат на местото на Мирсад Сурои и Лорета Георгиева.
Елена Ивановска Мукоска











