Договорот за ископ на јаглен и јаловина во РЕК Битола со Топлина од Подмоље би бил за 15 отсто поевтин, кога фирмата би ископувала под исти услови од раскинатиот договор со Марковски компани, објаснуваат од ЕСМ. За исти ископани количини јаглен и јаловина, Топлина ќе заработи помалку пари од Марковски компани.
Сепак, според новиот договор, Топлина ќе ископува многу повеќе јаловина од Марковски компани, па со тоа цената на ископот ќе чини повеќе.
Рудникот за јаглен упростено изгледа вака – слој јаловина, па слој јаглен, па јаловина, па јаглен… За да се стигне до потребниот јаглен, прво треба да се откопа непотребната јаловина. Што повеќе јаловина има, тоа поскапо станува ископувањето на јагленот.
Раководството на ЕСМ пред Нова година го раскина договорот за ископ на јаглен и јаловина во рудникот Брод Гнеотино со Марковски компани вреден 46 милиони евра поради непочитување на обврските. Минатата недела, во четири очи склучи договор од над 1,1 милиони евра со фирмата Топлина од Подмоље, која беше подизведувач во раскинатиот договор, за да може да се обезбедат доволни количини јаглен за производство на струја.
ЕСМ соопшти дека новиот договор е за 15 отсто поевтин од раскинатиот. Сепак, гледајќи ги двата договори, не може да се направи споредба за да се оцени дали цените се пониски. Во раскинатиот договор, Марковски компани ископуваше јаглен и јаловина за 129,7 денари по гигаџул, без ДДВ. Се подразбира дека за да се стигне до јагленот, мора да се ископа јаловината. Во новиот договор со Топлина, ЕСМ ќе плаќа за ископаниот јаглен многу поевтино, односно по 49 денари за гигаџул без ДДВ, но за ископаната јаловина ќе плаќа посебно по скоро 213 денари за метар кубен.
Во техничката спецификација од новиот договор е предвидено на 1 тон јаглен да се ископува по 3,75 кубни метри јаловина. Со оглед на тоа што сега јаловината се плаќа посебно, ископан тон јаглен со иста калориска вредност сега ќе чини за скоро 30 отсто поскапо од претходно.
Во ЕСМ објаснуваат дека во раскинатиот договор со Марковски компани било предвидено на еден тон јаглен да се ископуваат по два тона јаловина. Ако се пресметаат тие количини со новите цени, тогаш сега е за 15 отсто поевтино.
Во ЕСМ сметаат дека на ваков начин работата ќе оди побрзо затоа што кога се плаќа само јагленот, фирмите се трудат да ископуваат што помалку јаловина. Според ЕСМ, Марковски компани ископувал многу повеќе јаглен, а помалку јаловина, со што направил проблем и во геомеханичката стабилност на рудникот, па сега ќе мора да се копа повеќе јаловина за да се стигне до јагленот.
Извештаите на ЕСМ покажуваат дека во изминатите пет години, во рудникот Брод-Гнеотино се ископувале десетина пати повеќе јаловина отколку јаглен. Минатата година тој однос бил 1:4. На различни места во рудникот, тој однос е различен.
Договорот со Топлина е привремен додека не се избере нова фирма за ископ. Тендерот за избор на нова фирма вчера пропадна, затоа што ниту една од пријавените не ги исполнувала условите. Наредната недела ќе се распише нов, со олеснети услови.
Срѓан Стојанчов











