Собранието на Република Северна Македонија на седницата одржана на 10 јули 2025 година донесе Одлука за распишување оглас за избор на Народен правобранител. Рокот за пријавување на кандидатите истече денеска.
Сега Собранието треба да ја објави листата на пријавени кандидати до Комисијата за прашањата за изборите и именувањата. Во пресрет на изборот, Мрежата за заштита од дискриминација бара од Собранието на оваа значајна функција да избере стручно и независно лице, со цел да се овозможат реформи во работењето на оваа институција, која со години наназад не успева да обезбеди ефикасна и ефективна заштита на правата на граѓаните.
Оттаму апелираат до сите пратеници и парламентарни политички партии да се воздржат од партиски преговарања и да спроведат транспарентен, инклузивен и фер процес за избор на следниот Народен правобранител.











