Ревизорите од Државен завод за ревизија (ДЗР) утврдиле сериозни неправилности во работењето на Општина Илинден за 2024 година, вклучително и изградба на објекти без одобренија и без соодветна документација. Според извештајот, инфраструктурни проекти вредни околу 1,6 милиони евра биле реализирани со значајни пропусти, како работа без проекти, без технички спецификации и изведба на непланирани активности.
Ревизијата покажала и сериозни слабости во финансиското работење, при што сметководствената и даночната евиденција не се усогласени за околу 648.000 евра. Дополнително, не е водена соодветна евиденција за имотот, не се ажурирани податоците за недвижностите, а наплатата на побарувања е неизвесна, со долг над 57 милиони денари од претходни години.
Констатирани се и неправилности во трошењето јавни средства, особено во културата и спортот, каде распределбата се вршела без јавен повик и без јасни критериуми. Ревизорите утврдиле пропусти и во јавните набавки, пресметката на плати и администрирањето, по што се дадени препораки до надлежните за усогласување со законските прописи.











