Израелската војска изврши нови бомбардирања врз позиции во предградие на Бејрут за кои тврди дека биле упоришта на припадници на милитантната група Хезболах. Мета на израелската војска била банка што ја користиле Хезболах. Војска издаде 24 предупредувања за воздушни напади и евакуација за помалку од еден час што предизвика широка паника, според претставникот на ОН во Либан.
Нападнатата банката Ал-Кард ал-Хасан е под санкции на САД од 2007 година, при што САД рекоа дека му дозволуваат на Хезболах да ги заобиколи банкарските системи.
Портпаролот на израелската војска изјави дека ќе се нападнат локации што се користат за „финансирање“ на милитантната група Хезболах.
- „Во последниот ден, десетици лансирања беа истрелани кон север. За неколку минути ќе издадеме прелиминарно предупредување за евакуација на либанските жители во Бејрут и други места да ги евакуираат локациите што се користат за финансирање на терористичките активности на Хезболах. Нагласувам – секој што ќе се најде во близина на локациите што се користат за финансирање на терористичката активност на Хезболах, се бара веднаш да се држи настрана од нив“ изјави Даниел Хагари, портпарол на израелската војска.
Меѓувреме израелската војска соопшти дека дозволила 50 камиони со хуманитарна помош од Јордан да влезат во северниот дел на Газа, преку преминот Ерез во Израел.
Помошта доаѓа откако Израел се соочи со голем притисок од САД да ја зголеми испораката на помош на северот на Газа.
Нема информации каде ќе биде доставена помошта, и дали воопшто ќе стигне до бегалскиот камп Џабалија.
Паралелно со помошта не запираат и нападите во разрушената енклава. Министерството под раководство на Хамас соопшти дека уште 40 лица се ранети во нападите врз градот Беит Лахија, кој беше меѓу првите цели на копнената инвазија на Израел.
САД го повикуваат Израел да стави прекин на огнот во Газа по убиството на лидерот на Хамас, Јахја Синвар. Кандидатка на демократите за претседател нa САД изјави длабоко сочуство до семејствата. Таа изрази загриженост за ситуацијата на цивилите и повик на прекин по една година војување.
- „Мислам дека она што е критично важно додека гледаме во овој момент е да се признае трагедијата на она што се случи во Газа во однос на огромниот број на невини Палестинци кои се убиени. И сериозно да се преземе нешто и да се каже вистината за тоа. Се разбира, на она што го кажав за она што се случи на 7ми октомври, во смисла на убиени 1.200 невини Израелци, ужасно силувани жени, а потоа брзо проследување на убиството на Јахја Синвар. Ова отвора можност дека мораме целосно да го искористиме за да се посветиме на завршување на оваа војна и враќање на заложниците дома“ изјави на Камала Харис, демократски кандидат за претседател на САД.
Но, ниту Израел ниту Хамас не покажаа интерес за таков договор откако преговорите беа прекинати во август.
Локалните здравствени власти тврдат дека досега во израелската офанзива загинале над 42.000 Палестинци, а речеси целото население е раселено.
Tea Димковска











