Вчитување реклама ...
Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Израел се заканува со офанзива во Рафа на почетокот на Рамазан

/

пред 978 дена

Сподели преку :

Активирани сирените во Горна Галилеја во северниот дел на Израел. Во регионот што се граничи со Либан во последните недели редовно се огласуваат предупредувањата за воздушна опасност додека продолжува размената на огнот меѓу војската и либанската група Хезболах.

„Израел очекува продолжување на воените операции во Газа уште шест до осум седмици додека се подготвува за копнена инвазија во најјужниот град на енклавата – Рафа“, соопштија четворица функционери коишто се запознаени со стратегијата. Според нив, војската има капацитет значително да го ослаби Хамас во тој временски интервал.

Израелските сили досега постојано се ширеа кон јужниот дел на Газа поради што Рафа остана последниот клучен град во кој треба да влезат трупите. Одлуката за продолжување на копнената операција е донесена и покрај предупредувањата на меѓународната заедница за опасноста од масовни убиства во местото каде што живеат 1,4 милиони Палестинци од коишто повеќето се раселени.

За нехуманите услови и опасноста од влошување на и онака катастрофалната ситуација во Газа се расправа и на состанокот на шефовите на дипломатиите во Брисел.

  • Имаме над 1,5 милиони луѓе коишто се притиснати во многу мал дел од Газа. Тие се исцрпени и истоштени од патувањето од северот кон центарот и кон југот на Газа. Немаат каде да одат. Илјадници деца немаат училишна настава со месеци. Минуваат низ невидена траума, изјави ирскиот министер за надворешни работи Михол Мартин.

 

  • Тешко е да се зборува за самоодбрана по нападите од седми октомври. Им реков дека имаме бројки што покажуваат дека над 70% од жртвите се жени и деца, односно цивили. Не може да зборуваме за таргетирани мерки, изјави министерот за надворешни работи на Луксембург, хавиер Бетел. 

Во меѓувреме, во Меѓународниот суд на правдата почна сослушувањето за израелската окупација на палестинските територии. Според палестинскиот министер за надворешни работи Ријад ал Малики, над 3 и пол милиони Палестинци на Западниот Брег се соочуваат со колонизација и расистичко насилство, додавајќи дека 1,7 милиони се третирани како граѓани од втор ред во земјата на нивните предци.

Откако Хамас го изврши најсмртоносниот терористички напад во Израел во октомври, по што Израел почна со воените дејствија во Газа, САД ги предупредија Иран и неговите соработници на Блискиот Исток да не се мешаат. Една од тие групи е и шиитското движење на Хутите коешто врши напади врз комерцијални бродови и нафтени танкери во знак на солидарност со Хамас. Од Вашингтон потврдија: Извршивме пет напади врз бунтовниците, откривме дека имаат подводни беспилотни летала.

Маја Стојаноска-Филдишев