Израелската армија утрово најави отворање на втора рута за евакуација од градот Газа, додека продолжува воената офанзива во енклавата. Новата патека ќе биде достапна преку автопатот Салах ал-Дин – главната внатрешна сообраќајница – и ќе остане отворена до петок напладне, по локално време. Претходно, жителите можеа да се евакуираат исклучиво преку крајбрежниот пат, кој е пренатрупан со пешаци и возила. Илјадници Палестинци веќе се движат кон југот на Газа, обидувајќи се да се засолнат од претстојниот копнен напад. Меѓувреме, палестинските медиуми јавуваат дека израелската војска продолжила со бомбардирање на градот и други делови од енклавата во текот на ноќта, со извештаи за повредени и загинати цивили. Израелската војска досега не ги коментираше ваквите наводи.











