Вчитување реклама ...
Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Извлечени дете со епилепсија од Леуново, трудница од Врбен – и ноќеска имаше заглавени луѓе на патишта и во викендици поради неисчистен снег

/

пред 690 дена

Сподели преку :

Заглавени автомобили на патишта, луѓе во викендици, повици за помош до Центарот за управување со кризи (ЦУК) поради неисчистен снег и во изминатото деноноќие. Најголем дел од пријавите биле за села во мавровскиот регион, каде што снежната покривка, на места, е со висина и до 80 сантиметри.

Во Леуново било излечено семејство со дете кое боледува од епилепсија, на кое му била неопходна терапија која ја немале со себе. Од викендица во истото село и жена која била приклучена на апарат за кислородна поддршка, додека, пак, од Врбен – бремена жена. Било интервенирано и на повеќе патишта во селата, каде патничките возила не можеле да го продолжат возењето поради неисчистени патни правци.

Од Општина Маврово/Ростуше велат дека локалните патишта, кои се во нивна надлежност, ги чистат со сопствена механизација, зашто во тек е тендерската постапка за избор на фирма за одржување.

„Патот кој што води од Брана Маврово, преку селата Маврово, Никифорово и Леуново околу езерото е регионален пат е под надлежност на ЈП „Македонија пат“. Под надлежност на општината се локалните патишта кои водат до останатите населени места. Општината со сопствена механизација ги одржува локалните патишта до избор на фирма за зимско одржување. Во изминатите денови беа исчистени локалните патишта во селата Врбен, Церово, улица во Леуново каде имаше болна жена. Денес се чистат патиштата за село Дуф, Сретково и останатите села кои водат од регионален пат со влезовите на селата“, соопштија од Општина Маврово/Ростуше.

Од ЈП „Македонија пат“ велат дека нивните дежурни екипи се постојано на терен и денеска сите патни правци во државата се проодни.

„Сообраќајот на државните патишта се одвива тековно во зимски услови, по наместа влажни коловози. Сите патни правци во државата се проодни без забрани и ограничување. На одредени патни правци кои поминуват низ клисури и усеци можна е појава на поситни одрони. Магистралните патни правци А1 Плетвар – Ѓавато и А3 Кичево – Охрид се проодни за секаков вид на сообраќај“, порачуваат од Јавно претпријатие за одржување на магистрални регионални патишта „Македонија пат“.

Синоптичарите прогнозираат дека од четврток ќе има нови врнежи од снег на планините и на некои од повисоките места, кои повремено ќе бидат пообилни, особено во западните делови каде на планините снежната покривка ќе се зголемува.

Данијела Билбилоска