Советникот за национална безбедност на американскиот претседател Мајк Волц, кој стои зад спектакуларната безбедносна грешка поврзана со американските напади во Јемен, изјави дека ја презема одговорноста, откако новинар се нашол во групата што тој ја создал на мрежата Сигнал.
„Ја преземам целосната одговорност. Јас ја создадов таа група“, изјави Мајк Волц на „Фокс њуз“, во првото интервју откако беше откриено дека новинарот по грешка бил ставен во групен разговор со високи функционери каде што се споделувале информации за нападот врз Хутите во Јемен.
Волц сугерираше дека можеби имал снимен телефонски број на новинарот за кој мислел дека му припаѓа на некој друг.
„Не го познавам тој тип, го познавам само по неговата репутација и тоа е страшно, но не му пишувам“, нагласи тој.
Претходно Белата куќа потврди дека главниот уредник на списанието „Атлантик“ по грешка бил вклучен во високо доверлив групен разговор со група високи американски функционери посветени на нападите врз јеменските Хути. Несомнено се смета за еден од најсериозните безбедносни неуспеси во поновата американска воена историја.
Новинарот Џефри Голдберг во понеделникот во подолга статија откри дека однапред, преку апликацијата за пораки Сигнал, добил детален план за нападот на американската војска на 15 март против оваа група бунтовници во Јемен.
Голдберг објаснува дека во тој групен разговор учествувале вкупно 18 луѓе, меѓу кои, според него, шефот на дипломатијата Марко Рубио, потпретседателот Џеј Ди Венс, шефот на ЦИА Џон Ретклиф и секретарот за одбрана Пит Хегсет.











