Малку пред полноќ ЈСП испратија соопштение со ветување дека автобусите ќе сообраќаат редовно и со полн капацитет и покрај сите притисоци, без да наведат за каков вид на притисок станува збор. Но, во обиколката која ја направивме утрово ја видовме стандардната слика. На ниски температури граѓаните наоблечени седеа на автобуските постојки и чекаа автобус. Пред камерата велат дека премрзнати чекаат автобус повеќе од половина час, а со тоа доцнат во извршување на секојдневните обврски. Се пожалија дека автобусите не возат според возниот ред, а кога ќе дојдат истите се преполни па некои од патниците мора да чекаат нареден.
„Јас блиску живеам овде и не чекам многу автобус, ако забележам дека нема одам пешки на блиските локации. Кога треба да одам до центар е потешко бидејќи има повеќе метеж и треба чекање“, вели граѓанин.
„Чекам автобус кој било само до Зелен пазар да отидам, ама еве помина половина час како чекам. Ги нема. Иначе сега има многу малку автобуси, не е како порано кога беше на 15 минути“, вели граѓанка.
„Чекам по 20 минути, а некогаш треба да одам и до друга автобуска постојка за да фатам автобус, а некогаш се случува и да ги нема повеќе од половина час. Немањето автобуси резултира со тоа што доцниме на предавања. Во автобусите секогаш има гужва бидејќи доаѓа само еден автобус на долго време и сите влегуваат во него“, вели жителка.
„Не се знае кој е виновникот, а ние трпиме“, заклучува жител.
Викендов социјалните мрежи беа преплавени со објави од нервозни луѓе кои се жалат дека со часови чекале автобус. За да стигнат на одредена локација морале да плаќаат такси или да замолат некој да ги префрли. Најголем проблем викендов имаа оние кои живеат во приградските места, а особено од општина Илинден од каде имаше најмногу поплаки.
Претседателот на независниот синдикат на возачи сподели дека викендов немало нафта и поради тоа голем број возила се паркирале во гаражите.
„Информацијата дека нема нафта ја дознав уште во саботата. Поради тоа повеќето возила викендов се повлекоа во гаража, а сабајлево добивме нафта и поради тоа мислам дека сега сè ќе биде во ред“, вели Африм Муча, претседател на независен синдикат на возачи.
Директорот на ЈСП пак молчи за проблемот. Освен ЈСП дополнителен проблем се и приватните превозници кои возат само во попладневните часови бидејќи бараат Град Скопје да донесе одлука со која ќе биде зголемена цената на изминат километар.
Тамара Марковска











