Вчитување реклама ...
Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Како ќе функционира „Безбеден град“?

/

пред 415 дена

Сподели преку :

Проектот ,,Безбеден град, безбедна држава’’ ќе се имплементира од 1 јануари идната година. Први градови во кои ќе се спроведе проектот се Скопје, Куманово и Тетово, а ќе се применува и на коридорите 8 и 10.

Новото законско решение содржи и елементи со кои ќе се казнуваат и пешаци ако зборуваат на телефон или велосипедисти ако имаат слушалки. Дилеми предизвикуваат и одредбите за одземање на возилата, доколку во сообраќајот се направи кривично дело.

Од МВР денеска велат дека системот има за цел да ја зголеми безбедноста во сообраќајот преку надзор и регистрирање на прекршоци, како минување на црвено светло, возење со над дозволената брзина, непрописно паркирање и управување со возило со истечена сообраќајна дозвола.

„Законските измени се однесуваат на воведување на нови членови во Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата кои директно се однесуваат на сопственикот на возилото (или оној со правото на користење на возилото) со кое е сторен сообраќајниот прекршок. Дорегулирањето на постапката за заштита на личните податоци е во тек, односно во периодот што следи, запазувајќи ги сите законски регулативи“, велат од министерството за внатрешни работи.

Граѓаните со кои разговаравме ја поддржуваат оваа иницијатива. Истовремено се заинтересирани да го видат и неговото практично функционирање.

Според професор Јошевски, овој систем ќе овозможи подобра контрола, бидејќи како што вели се применува во западноевропските земји и дава позитивни резултати.

„Превентивното дејствување преку најразлични кампањи веќе неколку децении наназад очигледно без засилена контрола и неселективност во казнувањето не дава само по себе резултати и сметам дека треба да се посвети повеќе внимание на репресивните мерки. Токму системот „Безбеден град“ ќе овозможи посилна контрола во сообракајот од една страна, а од друга страна го исклучува факторот човек при казнување на возачите“, вели професор Зоран Јошевски, член на РСБСП.

Главна предност, според судскиот вештак Трпевски, на овој проект е стравот од санкција.

„Доколку системот остане бирократски, како што е сега, да не можете да пристапите кон дополнителни докази кои ви се потребни да завршите одредена работа, бенефитот нема да биде многу голем“, вели судскиот вештак Дејан Трпевски.

Според МВР, контролите ќе продолжат и ќе се заострат казните, особено во рамките на кривичниот законик.

Марија Коцева