Безбедносните гаранции за Украина мора да бидат веродостојни, особено имајќи ја предвид историјата на лажни обвинувања од страна на Русија против соседите за напади на нејзина територија, што може да се повтори и по прекинот на огнот во Украина, изјави високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Каја Калас.
„Разговараме за безбедносните гаранции и како што рековме во „Коалицијата на подготвените“ тие навистина мора да бидат опипливи“, рече Калас на заедничката прес-конференција со германскиот министер за одбрана Борис Писториус за време на посетата на Берлин.
Калас додаде дека мора да биде јасно како тие гаранции ќе функционираат во пракса, пренесуваат германските медиуми. Според неа, исто така е потребно да се осигура дека гаранциите нема да бидат повлечени.
Потсетувајќи на условеноста на безбедносните гаранции, вклучувајќи ја и можноста за нивно поништување во случај на украински напад врз Русија, Калас истакна дека историјата е полна со случаи кога Русите самите извршувале напади, тврдејќи дека тоа го направиле Украинците, Финците или некој трет.
„Затоа мора да биде многу јасно кажано дека ако даваме безбедносни гаранции, било Американците или Европејците, тие нема да останат само на хартија, туку ќе бидат опипливи“, додаде Калас.
Таа истакна дека се одвиваат интензивни дипломатски напори за постигнување мир, но дека тие напори и понатаму се еднострани. Калас нагласи дека војната може долго да трае ако колективно не се изврши поголем притисок врз Русија за да ја запре. Калас, исто така, рече дека амбициите на Русија се протегаат надвор од Украина. Таа призна и дека, иако САД се незаменлив сојузник на Европа, односите со Вашингтон не се толку добри како порано, но дека Европа и САД се посилни кога делуваат заедно.











