Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедносна политика, Каја Калас, денеска изрази загриженост заради американските коментари за Гренланд, изјавувајќи дека тие создаваат загриженост околу почитувањето на суверенитетот.
Зборувајќи на прес конференцијата во Каиро, Калас рече дека коментарите се „екстремно загрижувачки“ и потврди дека земјите членки на ЕУ разговарале како да одговорат доколку Вашингтон продолжи во истата насока.
Изјавите на Калас следуваат откако американскиот претседател, Доналд Трамп и другите американски претставници продолжија со изјавите и коментарите со кои го подвлекуваат стратешкото значење на Гренланд, обновувајќи ги шпекулациите за можниот обид на САД да ја преземат контролата над овој остров во Арктикот.
Европските лидери секако не ја поддржуваат оваа идеја, подвлекувајќи дека за иднината на Гренланд може да одлучат само неговите жители и Данска.
Истовремено, претставници на ЕУ предупредија дека секој предизвик на територијалниот интегритет на Гренланд би ризикувал да ги загрози трансатлантските односи и би ги поткопал клучните принципи на меѓународното право.
„Пораките кои ги слушаме во однос на Гренланд се екстремно загрижувачки и ние имавме разговори меѓу Европејците. Значи, знаете, дали ова е вистинска закана и ако е, тогаш каков ќе биде нашиот одговор? Значи, Данска беше добар сојузник на Соединетите држави и сите овие изјави навистина не помагаат за стабилноста на светот би рекла. Меѓународното право е многу јасно и мора да се придржуваме до него“ – изјави Каја Калас.











