Вчитување реклама ...
Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Камбек на Нетанјаху со помош на крајната десница во Израел

/

пред 1432 дена

Сподели преку :

Поранешниот израелски премиер Бенјамин Нетанјаху и неговата партија Ликуд се на праг на сензационална изборна победа и враќање на власт по само малку повеќе од една година откако не успеа да формира влада, иако победи на изборите. Нетанјаху е најдолгорочниот израелски премиер, со пет мандати, а на минатите избори беше потребна историски широка коалиција од дури осум партии, од речиси целиот израелски политички спектар, вклучувајќи ја и првата арапска партија која учествувала во израелска влада, само за да го симнат популарниот „Биби“ од власт.

Нетанјаху, кој во најмала рака е контроверзен политичар, но и покрај тоа што останатите политички партии се обидуваат да го изолираат, и покрај тоа што во моментов против него се води процес за поткуп, измама и злоупотреба на службена положба, обвинувања кои тој жестоко ги негира, сепак ужива голема поддршка меѓу членовите и симпатизерите на Ликуд.

По изборите во март минатата година, на кои Ликуд иако победи, Нетанјаху не можеше да формира влада, мандатот го доби Јаир Лапид, кој успеа да договори коалиција со Нафтали Бенет и Бени Ганц, и уште пет други партии. Но, по неполни 15 месеци се оствари тоа што сите аналитичари го предвидоа, дека коалиционите партнери имаат преголеми и пребројни идеолошки разлики, чија единствена заедничка цел е да го симнат од власт Нетанхају, и дека коалицијата брзо ќе се распадне. Партијата на Лапид, Јеш Атид и овој пат ќе биде втора на изборите, но, на партијата на Бенет, Јамина, и се заканува катастрофа и веќе од неа започнаа да излегуваат други партии, а самиот Бенет одлучи да не учествува на овие избори.

Тоа што ги загрижува умерените политички сили во Израел, покрај тоа што Нетанјаху се враќа на власт, е фактот што овој пат тој ќе формира влада со крајната десница, односно Религиозната ционистичка партија. Нејзините лидери Итамар Бен Гвир и Безалел Смотрич својот политички рејтинг го градеа користејќи анти арапска реторика и залагајќи се за депортација од Израел на нелојалните политичари и граѓани.

Непосредно пред изборите тие организираа собир во доминантно арапската населба Шеик Џара во Ерусалим, кој од страна на останатите политички партии во државата беше оценет како провокација кон Палестинците.

Покрај тоа, Бен Гвир е поранешен следбеник на ултранационалистот Меир Кахане, чија организација, Еврејската одбранбена лига, беше забранета во Израел, а САД ја означија како терористичка организација. Бен Гвир претходно е осудуван за поттикнување расизам и за поддржување на терористичка организација.

Професорот по политички науки на Хебрејскиот универзитет во Ерусалим, предупреди дека Израел е на пат да стане како орбановата Унгарија, од ЕУ неодамна брендирана како „изборна автократија“.

Според нешто помалку од 90 проценти обработени избирачки места, Нетанјаху и неговите коалициони партнери се на пат да освојат помеѓу 63 и 65 пратеници во 120 члениот израелски Кнесет. Во исто време, тоа ќе претставвуа и значителна пресвртница во политичката кариера на Нетанјаху, кој предвремено беше отпишан откако Лапид и Бенет минатата година ја формираа широката коалиција. Уште тогаш Нетанјаху вети дека ќе ја урне, а само една година подоцна таа влада заклучи дека не може да опстане и колабираше по низата оставки и одметнувања, поради кои и го загуби мнозинството.