Со спреј уништени смарт табли и училишни табли, со остар предмет се оштетени компјутерите, искинати каблите, и на ѕидовите со спреј нацртани и напишани недолични содржини, вака изгледа најголемото централно основно училиште „Ванчо Прќе“ по вандалскиот поход, кој почнал по полноќ. Вандалот затнал дел од одводот и пуштил да тече вода од чешмите. Насилникот бил маскиран, утврдено е дека влегол од страната на спортската сала, а потоа почнал да ја го уништува инвентарот и надгледните средства во кабинетите по предметна настава. Денеска во оваа штипска деветолетка нема редовна настава, од утринава во училиштето се полициските службеници, кои водат истрага.

„Штетата е нанесена во делот од предметна настава, во поголем дел од кабинетите. Штетата е матрејална. Проценката и увидот се во тек. Нанесени се содржини со спреј, по ѕидовите, смарт таблиите, на таблите по училниците. Се работи за голема матрејална штета. Проценката не можам да ви ја кажам во овој момент“, изјави директорот на ООУ„Ванчо Прќе”, Кокан Радев.

Камерите го имаат снимено чинот и маскираното лице, кое се обидело со спреј да уништи и една од видео камерите. Насилникот не успеал само да влезе во кабинетот по хемија.
„Една камера е испрскана со спреј. Но и самата таа камера додека трае тоа покривање на камерата со спреј го снима. Во неколку пати се обидува, таа е високо поставена за да конечно успее“, рече директорот.

Во наредните три дена ќе се адатпираат предметните кабинети за настава во училиштето, со што од понеделник би почнала редовната настава за над 1.100 ученици, за што дополнително и ќе бидат известени родителите и учениците. Од раните утрински часови се одвива увидот од страна на истражните органи. Ова е прв ваков упад и вандалски чин во најголемото централно училиште во Штип.
Викторија Јованова











