Паралелно со објавувањето на кандидатите за градоначалници на локалните избори, течат и нападите од противничките табори – чии луѓе се, како ќе се однесуваат, што ветиле, а не исполниле. На мета на советничката група на СДСМ во Град Скопје денеска се најде кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски за кого прогнозираа што ќе се случи доколку победи.
„Скопје не смее да стане поголема верзија на Кисела Вода. Главниот град не заслужува пион на Мицкоски, кој ќе ја користи градската каса како каса за партијата и ќе го потоне Град Скопје. Граѓаните добро знаат како изгледа кога Орце управува: долгови, хаос, ѓубре и лаги. Нема простор за уште една таква авантура на сметка на сите нас“, изјави Љубица Јанчева, координаторка на советничката група на СДСМ во Советот на Град Скопје.
Премиерот им врати да почекаат да завршат изборите.
„Не би коментирал многу, само би им порачал да почекаат да дојде 19 октомври, 20 часот, и сè ќе им биде појасно“, рече Мицкоски.
Деновиве се очекува и Социјалдемократите да објават кој ќе му се спротивстави на Ѓорѓиевски во Скопје. Двете партии веќе објавија по 30-тина кандидати, а целосните листи ќе се знаат до август, кога ќе бидат распишани и изборите.
Далиборка Демјанска Цветановска











