На рафтовите во маркетите се продава преку 20 тони трајно млеко со канцерогени материи штетни по здравјето на луѓето. Увезено е од Србија и пуштено во употреба со афлатоксин М1 над максималното дозволено ниво, тврди Цветан Трипуновски од ВМРО- ДПМНЕ. Го обвини и директорот на АХВ Николче Бабовски дека свесно пушта во употреба производи со канцерогени супстанци.
Наместо целосна контрола при увоз на храна, АХВ под раководство на Бабовски свесно пушта во употреба производи со канцерогени материи.Афлатоксините кои се пронајдени во млекото се познати во светот како најважни микотоксини во храната и добиточната храна поради нивната хепатотоксичност и канцерогеност.Прашуваме, кој и зошто дозволил млекото во која е детектирано амфлатоксин М1 од Србија да биде пуштено во употреба во Република Македонија. Во која количина од увезеното млеко завршило на рафтовите и дали АХВ има постапено по добиените наоди од тестирањето, вели Цветан Трипуновски претседател на Комисија за земјоделство, шумарство и водостопанство на ВМРО-ДПМНЕ.
Од агенцијата за храна и ветеринарство смируваат- на рафтовите канцерогено млеко нема, фатено е на граница и не е дозволено да влезе во Македонија.
За да нема идни шпекулации и замајувања на јавноста, дека граѓаните во земјава пијат небезбедно млеко со афлатоксин, одговорно тврдиме дека со цел спречување на ризикот по јавното здравје, поради утврдено зголемено присуство на афлатоксин М1, на сила е Решението за безбедносни мерки при увоз на млеко, производи од млеко и храна за исхрана на животни од 1 декември минатата година кое го донесе Агенцијата за храна и ветеринарство. Со него се врши задолжително лабораториско тестирање на присуство на афлатоксин М1 на секоја пратка со млеко и производи од млеко која се увезува во земјава, а е по потекло од Република Србија или од Босна и Херцеговина, велат од АХВ.
Трипуновски тврди и дека афлатоксин е најден и во сурово млеко во една од поголемите млекари во Македонија и побара од АХВ и Бабовски да кажат дали овој прозивод се наоѓа на македонската трпеза. Од АХВ пак му одговорија дека ги манимулира граѓаните со стара вест, млекото велат уште во април годинава е уништено и не е пуштено во промет.
Симона Петровска











