Вчитување реклама ...
Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Kанцелариите изрешетани од куршуми – заложничка драма вчера во ЦСР во Прилеп

/

пред 576 дена

Сподели преку :

Вистинска заложничка драма се случувала вчера во Центарот за социјални работи (ЦСР) во Прилеп, кога 50-годишен маж вооружен со пиштол застрелал 36-годишна социјална работничка на работното место. Таа се здоби со прострелна рана во стомакот и сè уште е на интензивна нега во Прилепската болница, но е во стабилна сосотојба.

Осомничениот, кој пред четири дена побегнал од Психијатриската болница во Демир Хисар, вчера околу 14 часот влегол во прилепскиот Центар за социјални работи и започнал да пука во ходникот, продолжил во канцелариите, каде се видливи трагите од куршуми по ѕидовите, мебелот, канцелариската опрема. Ја застрелал службеничката, се заканувал на други вработени, а потоа на нишан го држел директорот. По 10 минути веќе пристигнала полицијата и го привела осомничениот.

„Се расправавме и се боревме со сторителот. Тој цело време имаше пиштол во раката, а јас мислев дека не е вистински пиштол. Успеав да го донесам во мојата канцеларија. Тој цело време се закануваше и испука и овде куршуми“, изјави Зоран Малкоски, директор на ЦСР Прилеп.

Тим од Центарот за социјални работи во Прилеп од 2020 години работел на предмет за семејно насилство и бракоразводна парница на осомничениот. Застреланата службеничка била вклучена на почетокот, но кога тој почнал да ѝ се заканува и да ја демне, таа била отстранета од тимот. За тоа двапати е осудуван, еднаш на една година и три месеци задолжително лекување во психијатриска болница, од каде побегнал, а другиот процес сè уште не е завршен.

Вработените од прилепскиот Центар денеска излегоа на мирен протест, бидејќи, како што велат, постојано се изложени на вербални и физички напади и бараат поголема заштита на работните места.

„Бараме итни мерки: Законска заштита – донесување законски измени со кои нападот врз вработен во Центар за социјална раобта ќе се третира како напад врз службено лице (напад, психички и физички, од внатрешни и надворешни субјекти. Построги санкции за насилниците, итно процесирање на сите случаи на напад врз вработените во ЦСР и соодветно санкционирање. Физичко обезбедување, задолжително присуство на обезбедување во сите центри за социјална работа“, изјави Марко Спиркоски од ЦСР Прилеп.  

Повредената е надвор од животна опасност, но, сепак, траумите од настанот ќе остават последици врз неа, велат вработените кои вознемирени и самите побарале лекарска помош во прилепската болница. Обвинителството побара притвор за осомничениот за две кривични дела – обид за убиство и поседување оружје без дозвола.

Емилија Мисирлиевски