Употребата на пиротехнички средства во објекти и простории од затворен тип да се забрани, а казните да се зголемат, предлагаат пратениците од ВМРО ДПМНЕ со измени во Законот за јавен ред и мир.
Измените се поднесени по скратена постапка и со нив се предвидуваат казни од 200 до 250 евра за физичко лице, како и од 500 до 10 000 евра за правните лица, микротрговците, малите, средни и големи трговци.
Предлагаат и повисоки казни за тие што ќе дозволат присуство на малолетни лица во угостителски објекти или простории за забава (кафеани, ноќни барови, дискоклубови и слични објекти) подоцна од полноќ, кои исто така ќе се движат од 50 до 10 илјади евра.
Истата казна е предвидена и за правни лица за неовластено пукање од огнено оружје, употреба на пиротехнички средства или сличен експлозивен и лесно запалив материјал, неовластени огномети, факелијади и слично на јавни места, додека за физичките лица таа се движи од 100 до 250 евра.
Овој закон се предлага интервентно, додека да се изготви новиот Закон за експлозивни материи за цивилна употреба од страна на надлежното министерство, со што детално ќе биде регулирана оваа материја.
Во следниот период се најавени 22 закони, со цел да се спречат слични трагедии во иднина.
Во однос на истрагата за утврдување на одговорност, пак, од ДУИ со денови бараат да се вклучат и странски експерти. Денеска, од име на пратеничката група на „Европски фронт„, испратиле формално писмо до четири клучни тела на Советот на Европа, со кое бараат итна експертска проценка на истрагата, да се иницира дебата во Парламентарното Собрание, да побара мислење од Венецијанската комисија за влијанието врз обвинителството и да го ангажира ГРЕКО за истрага на политичко влијание врз обвинителските одлуки.
Далиборка Демјанска











