Жители на Кочани и граѓански активисти почнаа со целодневна блокада на патот кој води до Градската депонија, во близина на селото Бели. Тие велат дека го изразуваат својот револт од нерешавањето на проблемот со горењето на отпадот на депонијата, чадот и загадувањето на воздухот што се чувствува во самиот град. Најавија дека нема да дозволат на ниту едно возило за транспорт на отпадот, и од Кочани и од соседните општини Виница, Зрновци и Чешиново-Облешево, да помине кон депонијата.
Жителите на Кочани, како и на селото Бели, бараат трајно решавање и затворање на депонијата за да се спречи не само загадувањето на воздухот, туку и деградирањето на лозјата и другото земјоделско земјиште во нејзината околина.
Од Општина Кочани информираат дека викендов со помош на механизацијата на Бехтел и Енка почна расчистувањето на депонијата, со цел да почне нејзиното третирање со алги. На влезот на депонијата е одредено 24-часовно дежурство со вработени во претпријатието кои ќе го контролираат влегувањето на неовластени лица, за да се спречи намерното потпалување на ѓубриштето.
Викторија Јованова











