Не бил напаѓач, туку жртва, тврдеше денеска пред Кривичниот суд Сулејман Љамалари, кој е обвинет дека вербално и физички ја нападнал скопската градоначалничка Данела Арсовска на 11 јули годинава во населбата Чаир додека таа вршеше увид на терен.
Љамалари познат и како командант Барути пред судот кажа дека Арсовска го удрила по ногата, иако обвинителството го гони за извршување на грубо насилство.
„Тој ден јас не нападнав никого. Бев нападнат од градоначалничката. Таа пријде кон мене со телефон во раката. Јас само со рака ѝ мавтав, сакав да ѝ го тргнам телефонот за да не ме снима неовластено. Во близина беше полицијата која нè одвои. Имаше пцовки обострано. Оштетената ме удри со нога. Ме клоцна. Над коленицата на левата нога“, рече Сулејман Љамалари пред судот.
Барути вели дека всушност со неговиот тротинет отишол во маркет кој се наоѓал на шест до седум метри од местото на настанот кога Арсовска го нападнала. Но, не можел веднаш да побара медицинска помош, бидејќи бил однесен во полициска станица Бит пазар.
Се разменувале навреди и погрдни зборови, а целиот инцидент, според него, бил снимен од градоначалничката и нејзиниот тим. Барути рече и дека се чувствува оштетен од Арсовска и дека сака да одговара за тоа што му го направила.
На прашањето на обвинителот Александар Давчевски дали е физички посилен од Арсовска, тој одговори дека не знае.
Арсовска заедно со овластени службени лица, присуствувала на локацијата на улицата „Севастополска“ по претходна пријава на граѓани во врска со бесправно градење и неовластено приклучување на водоводна и електрична мрежа.
Барути, според обвинението, физички ја нападнал, удирајќи ја најпрво по лицето и раката, а потоа со нога во пределот на левата потколеница. Откако присутните униформирани полициски службеници реагирале да го спречат во намерата, продолжил и вербално да ја навредува и да ѝ се заканува.
Арсовска на првото рочиште пред судот изјави дека кај обвинетиот не гледа каење, ниту грам жал за стореното кон неа, која освен што извршува јавна функција е и жена и мајка. Претходно Љамалари упатил и закани кон неа на социјалните мрежи.
Марија Митевска











