Вчитување реклама ...
Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Косовските институции од денеска без ниту еден српски претставник

/

пред 1427 дена

Сподели преку :

Од денес во институциите во северниот дел на Косово нема веќе српски полицајци, ниту судии, а во косовското Собрание нема српски пратенци. Повеќе од 300 полицајци Срби кои викендов поднесоа оставки, доаѓаат во полициската станица во Косовска Митровица да ја раздолжат опремата и оружјето. Околу 150 српски судии, обвинители и вработени во судската служба и формално се повлекоа од судот во Косовска Митровица, а десетмината претаници од српската листа ги вратија мандатите во косовското Собрание.

Бараат да се почитува Бриселскиот договор потпишан пред девет години и да се формира Заедница на српските општини. Став кој го поддржува и владата во Белград.

Ние веќе не учествуваме во институциите. И сега што? Треба да се вратиме во институциите, а тие и натаму да не формираат Заедница на српските општини? Затоа ова е историска одлука и апсолутно ја поддржувам. Немаме никаква причина ниту да се правдаме некому дали таа одлука е донесена во договор со Белград или не, категоричен е српскиот министер за надворешни работи.

Дачиќ инсистира на тоа дека ова е одлука на народот на Косово и посакува ситуацијата да трае што пократко. Ќе направиме сѐ да се сочува мирот, вели Дачиќ, но додава дека Србија ќе биде одлучна да го заштити српскиот народ на Косово, ако се загрози неговата безбедност.

Косовскиот премиер Албин Курти вчера оцени дека обидите на Србија да го дестабилизира Косово, манипулирајќи го српското малцинство на северот од земјата, ќе пропаднат.

Тој ги повика Србите да се вратат во инситуциите.

Ги повикувам граѓаните Срби да не ги напуштаат институциите на Косово, да не поднесуваат оставки, да не ги напуштаат работните места, затоа што на тој начин им наштетуваат на граѓаните. Тие од нас немаат притисок, туку добра волја. Притисокот им доаѓа од Белград, кој сака дестабилизација на Косово.

Ситуацијата на Косово ја вознемири и Европската унија, со чие посредство е постигнат Бриселскиот договор. За ЕУ сега најважно е да се смири ситуацијата.

Приоритет сега е деескалација на ситуацијата. Во текот на викендот видовме многу опасна ескалација која ризикува да загрози сѐ што е постигнато изминативе години со тешка работа. Ова има последици не само за Србија и Косово, туку за цел регион. Ги повикуваме двете страни да ги исполнат своите обврски, да најдат европско решение, порача Петер Стано, портпаролот за надворешна политика на Европската комисија.

Тензиите меѓу Косово и Србија се засилија на почетокот на месецов кога официјална Приштина почна да ја спроведува одлуката за пререгистрација на возилата од српски со косовски регистрации, за Србите кои живеат на Косово. Тие не го прифаќаат тоа со објаснување дека Косово не ги исполнува обврските од Бриселскиот договор, со кој е предвидено да се формира и Заедница на српските општини, што до сега не е направено.

Европската унија ги повика и Белград и Приштина да го почитуваат Бриселскиот договор и повтори дека Косово има јасна обврска да ја формира заедницата на српски општини.

Портапролот Стано беше јасен дека Унијата не може да си дозволи ново жариште на европско тло.

Марија Дивитарова