Неколку инвестиции за пробив на пазарот со криптовалути и нивно тргување кои ќе пропаднат се клучот за падот на кешбек империјата „Мај Ворлд“ а долгот од 56 милиони евра за неплатен данок во Австрија конкретната причина поради која фирмата е во стечај, дознава „Телма“.
Навестувања дека нешто не функционира имало уште од 2023 година а потврда за тоа членовите на „Лајконет“ во Македонија добиле од самиот сопственик Хуберт Фрајдл на 1 август на онлајн состанок, со ветување од сопственикот дека стечајот ќе трае најмногу 3 до 4 месеци. Тој им најавил дека целата мрежа ќе функционира преку странска блокчеин фирма „БЕЦМ“ односно дека сè ќе биде онлајн.
„Од 2019 година имаа неколку киксови со проекти. Се обидоа со крипто менувачница, потоа се обида да лансираат нивна криптовалута и тука се изгубија многу пари. Од лош во лош проект. Истовремено многу трошеа а не заработуваа, се купуваа возила и јахти, се организираа ексклузивни настани. По состанокот со Фрајдл следеше целосен прекин на информациите се до понеделникот кога се објави стечајот“ вели член на „Лајконет“.
Нашите извори од „Лајконет“ се децидни дека не станува збор за пирамидална шема бидејќи членовите кои ја имаат картичката за лојалност може да користат голем број на бенефиции. Тие потврдуваат дека кешбекот сè уште функционира но тврдат дека не може да ги искористат односно подигнат бенефициите кои им се заглавени на сметките уште од јуни.
Според нашите извори членовите од Македонија, Србија, Бугарија, Словенија, Италија и уште неколку држави од ЕУ во моментов разгледуваат дали има можност за покренување на тужба.
Извори на „Телма“ потврдија дека Радован Витошевиќ директор на „Мај Ворлд“ Македонија на почетокот на јуни се повлекол од централната компанија со седиште во Виена и тоа го соопштил преку социјалните мрежи а потоа на почетокот на месецот се повлекол и од македонската филијала. Тој во моментов не е во Македонија и не е достапен на неговиот мобилен телефон а нашите извори тврдат дека користи одмор и дека ќе се врати во државата.
Oгнен Чанчаревиќ











