Десет лица се осомничени за шверцување во Македoнија на странски крадени луксузни возила и автомобили за кои се избегнувале царинските давачки. Акцијата е спроведена утрово во неколку градови низ земјава, откако се обезбедени докази дека членовите на групата криумчареле, фалсификувале службени исправи, а прикривале и стоки кои се предмет на царински измами.
Како што соопштија од ОЈО Скопје, лицата во текот на 2021 и 2022 година со лажни документи и преправени броеви на шасии внесувале во земјава автомобили за кои имали меѓународна потрага, како и автомобили за кои се избегнувале царински контроли.
Шверцерите возилата тука ги регистрирале и по неколкупати меѓусебно си ги препродавале за да се прикрие криумчарењето, по што ги отуѓувале на крајните корисници. Меѓу осомничените има и две службени лица вработени во управните служби за регистрација на возила, а еден е грчки државјанин.
Акцијата е насочена кон сузбивање на организирана криминална група која се занимава со криумчарење на скапи моторни возила, фалсификување исправи и злоупотреба на службена положба, за што утрово се вршеа претреси на повеќе локации, напиша министерот тошковски.
По претходно воспоставената соработка меѓу скопското обвинителство и грчките органи, кривичниот прогон за грчкиот државјанин ќе биде отстапен на Република Грција, соопштија од Обвинителството.
Емилија Мисирлиевска











