Кочанските оризопроизводители годинава ќе имаат поскапа сеидба. За десеттина дена влегуваат во нивите со земјоделска механизација, за да ги изораат за сеидба на оризот.Тони Макисмов координатор за ориз од Националната мрежа на земјоделци вели зголемување на цените на нафтата, вештачкото ѓубре веќе ја зголеми и производната цена на оризовата арпа од 23 на 35 денари.
„Влегуваме во производство. Меѓутоа тешко се снаоѓаме, бидејќи не да има недостиг на вештачко ѓубриво и препарати тешко ќе влеземе во производство. Но, за жал водостопанство си направи план и очигледно цела површина ќе биде посеана, како ланската како што беше и штом пуштат вода ние нема што друго да сееме освен ориз. Меѓутоа ќе влеземе во многу големи загуби со оваа цена што ја имаме денес како откупна цена“, изјави Тони Максимов од Националната мрежа на земјоделци координатор за ориз.
Деновиве во кочанскиот регион оризопроизводителите фрлаат дел од оризовата арпа од ланската реколта. Само над селото Облешево покрај каналот за наводнување се фрлени околу два тони оризова арпа. Фрлањето на произведената храна е резултат на ланската задоцнета сеидба, но и лошите временски услови за жетва во ноември, декември.
„За жал трговците, односно откупувачите заедно со фабрикатните извршија силен притисок врз земјоделците, посебно кај оние земјоделци кои имаа покасно ожнеано оризовата култура беше влажна не беше добра и не сакаа да и ја исушат, бидејќи само тие имаат индивидуални сушари, ги уценуваа и затоа дојде онаа цена од 18-20 денари и ден денска го земаат. Но очигледно и тие не можеа да постигнат со нивното сушење и земање“, додава Максимов.
Штетата е голема за овие оризопроизводители, бидејќи вложиле во производство, го ожнеале и го внеле во амбарите, а на крајот наместо оризот да го продадат, тие го фрлаат, вели Максимов.
Националната мрежа на земјоделци бара од институциите заштита и на производителите и на граѓаните, бидејќи во моментов откупната цена на арпата е околу 20 денари, а во маркетите оризот се продава од 100 до 150 денари. Според Максимов ќарот е кај препродавачите. Тие бараат да се вклучи и министерството за економија, бидејќи во маркетите е забележано продажба на ориз во вреќи наместо во амабалажа. Од министерството за економија за Телма одговорија оризопроизводителите да ги посочат мааркетите и пилјарите и веднаш ќе излезат на терен.
Викторија Димитрова Јованова
Дигитална обработка: Т.Д.











