Кризата во Црвеното Море предизвикана од нападите на Хути бунтовниците од Јемен врз меѓународните транспортери ги зголеми цените за транспорт на стоки, предупредуваат Обединетите нации (ОН). Директорот на Секцијата за олеснување на транспортот на Конференцијата на Обединетите нации за трговија и развој, Јан Хофман, соопшти дека цените за транспорт на стоки од Шангај до Европа се зголемиле за 256 проценти. Покрај тоа, нападите предизвикаа и намалување од 80 проценти на бројот на бродови кои транзитираат низ Суецкиот канал. Обиколните рути кои транспортерите се приморани да ги употребуваат резултираат со одолговлекување на транзитот, како и зголемување на трошоците и емисијата на штетни гасови.
„Што значи ова за економијата? – Инфлацијата е една згриженост, продолжените порементувања, особено во транспортот на контејнери ќе ги загрози глобалните синџири на снабдување, што ќе резултира со застој во испораката на добра, и потенцијално зголеување на инфлацијата“, изјави Јан Хофман, директор на Секцијата за олеснување на транспортот на Конференцијата за трговија и развој на ОН.
Од ноември минатата година Хути бунтовниците од Јемен започнаа да напаѓаат бродови кои транзитираат низ Црвеното Море и кои, според нив, се поврзани со Израел. Но, најголем дел од нападнатите пловила немаа, речиси, никаква врска поради што САД и Велика Британија формираа меѓународна коалиција за заштита на поморскиот транспорт во регионот. Тие, исто така, во два наврата извршија и воздушни напади врз позиции на Хутите во Јемен, со цел намалување на нивната способност да го попречуваат меѓународниот поморски транспорт низ регионот. Како одговор, Хутите порачаа дека отсега ќе напаѓаат и американски и британски бродови во Црвеното Море.
„Од почетокот на воздушните напади врз нашата земја, и ракетните напади од морето, Американците на успеаа да ги спречат нашите напади во Црвеното море, ниту таргетирањето на бродовите. Но, со тоа, тие се вплеткаа, заедно со Британците, во овој конфликт“, рече Абдел Малек ал Хути, врховен лидер на Хути бунтовниците.
Во исто време со проценките на ОН, и Ројтерс го објави своето истражување во кое забележале пад од 40 проценти на приходите на Египет од Суецкиот канал. Според нивните проценки, тоа го намалува и очекуваниот економски раст на Египет од 3,9 проценти на 3,5 проценти.
Игор Трајков











