Вината за тоа дека Акиф Равманоски, еден од шефовите на нарко групата Барон се нашол на листата на помилувани лица за премиерот Христијан Мицкоски е во претходната Влада, иако одлуката за помилување е донесена за време на оваа.
Равмановски е осомничен за обид за убиство во Чаир кое се случи пред десетина дена додека тој излегувал секојдневно од затворот Идризово со дозвола за работен ангажман.
Пред инцидентот одлуката за негово помилување веќе била донесена, а потписот го ставила шефицата на државата Гордана Силјановска Давкова.
Ако мислите на овој последниов случај, тогаш може да ви кажам дека тој случај е од минатото, не е од сега, од претходната Влада снесен како кукавичко јајце, кој што треба да имплодира во овој период, рече Мицкоски.
Мицкоски конкретно не кажа дали Министерството за правда сноси одговорност, бидејќи една од забелешките на комисијата е дека не им помага во филтрирањето на оние кои треба да бидат помилувани.
Ставот на Мицкоски всушност е на иста линија со министерството кое во соопштението исто така обвини за „кукавичко јајце“.
Имајќи ја предвид процедурата за помилување, но и временската рамка кога е испратено мислењето од Министерството за правда, во време на предизборие, се добива впечатокот дека овој процес е злоупотребен. Воедно, и отворањето на детали од процедурата од опозицијата посочуваат токму на подметнување на кукавичко јајце во овој процес, рече премиерот.
Министерството воедно не дало зелено светло за ниту еден осуденик кој барал помилување. Министерот за правда Игор Филков изјави дека можеби е време да дојде до одредено освежување во комисијата, бидејќи институтот помилување е многу важна работа во државата. Според него, не смее помилувањето да биде предмет на политички игри и препукувања.
Инаку премиерот во меѓувреме бил информиран дека Равманоски се гони за уште неколку кривични дела, односно освен за обид за убиство и за учество во тепачка и дека добил притвор од 30 дена, при што остава на правосудните органи да одлучат како ќе постапуваат.
Професорите Методиja Каневчев и Гордан Калајџиев, претседател и член за комисијата за помилување, во средата за Телма рекоа дека немале информации дека Равманоски е лидер на клан, а одлуката за да биде помилуван ја донеле пред да се случи оружениот инцидент во Чаир.
Да знаеле за ова веројатно немал да добие зелено светло од нив. Сметаат дека нападите се неосновани и со политичка позадина.
Марија Митевска











