Поранешниот претседател и премиер на Албанија, Сали Бериша заврши во куќен притвор поради обвинувања за корупција додека беше на чело на владата во Тирана.
Обвинителството го товари Бериша дека го фаворизирал својот зет во процес на приватизација на државно земјиште за време на неговиот пермиерски мандат меѓу 2005 и 2009 година, пренесува Ројтерс.
Бериша, кој е лидер на најголемата опозициска Демократска партија, ги отфрли обвинувањата. Неговите адвокати најавија оти ќе поднесат жалба на одлуката на судот за куќен притвор.
На барање на обвинителството, албанскиот парламент на 21 декември го укина пратеничкиот имунитет на Бериша.
Бериша беше претседател на Албанија од 1992 година до 1997 година, а од 2005 година до 2013 година ја извршуваше функцијата премиер.
Од 2021 година на Бериша и неговото семејство им е забранет влез во САД поради, како што наведе Стејт департментот, вмешаност во злоупотреба на јавните фондови и оти ја користел моќта за да стекне корист за себе, за членови на семејство и за политички соработници.










