Одржувањето на 10-то јубилејно издание на меѓународниот театарски фестивал „Отело“ од Гостивар е неизвесно. Причина е отсуството на поддршка од Министерството за култура и туризам на конкурсите за финансирање на проекти од национален интерес во културата за 2026 година.
Раководството на фестивалот денеска одржа прес-конференција пред министерството на која побара итен состанок со министерот Љутков за, како што рекоа, да им каже зошто се одбиени и за да се најде начин за финансирање на фестивалот. Од раководството кажаа дека фестивалот нема политичка позадина, дека функционира како независна културна иницијатива и најавија дека ќе упатат жалба до Државната комисијата за одлучување во управна постапка.
„Оваа состојба сериозно ја загрозува реализацијата на уметничката програма, ангажманот на домашни и странски трупи и пристапот на публиката до културните иницијативи на фестивалот. Бидејќи „Отело“ е дел од културната мапа на земјата и придонесува со промоција на сценската уметност и културниот туризам, итно бараме официјален состанок со господинот Љутков, министер за култура. За да ги добиеме потребните објаснувања и да дискутираме за можности за надминување на оваа ситуација“, рече Арѓент Хасани, директор на фестивалот „Отело“.
„Ние административно или по правен пат имаме право на жалба до 15 дена. А, сега ние ќе го направиме нашето. Понатаму ќе видиме“, кажа Берат Салиу, продуцент на фестивалот „Отело“.
Од министерството за култура и туризам велат дека по спроведена евалуација, стручната комисија констатирала дека фестивалот, и покрај својот интернационален назив и континуитет, има претежно локален карактер според обемот, влијанието и опфатот на програмата. Врз основа на ваквата оцена, фестивалот не бил класифициран како проект од национален интерес во културата за тековната година, дополнуваат од министерството.
Сотир Трајков











