Вчитување реклама ...
Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Премиера на „ Галеб“ од Чехов во Турскиот театар

/

пред 1613 дена

Сподели преку :

По минатогодишната успешна постановка на драмата „ Вишновата градина“, од Антон Павлович Чехов, што ја постави режисерот Владимир Милчин, Турскиот театар в сабота во 20 часот ќе излезе пред публиката со премиера на нова претстава, по текст на големиот руски драматичар. Драмата „ Галеб“, ја режира Нела Витошевиќ, во драматизација на Викторија Рангелова Петровска.

„ Галеб“ е драма чие дејство се случува во руско село, кон крајот на 19 век. Карактерите се незадоволни од сопствените животи. Некои сакаат љубов, но не ја добиваат за возврат. Некои сакаат само успех, а некои сакаат да ги срушат старите уметнички форми и да изградат нови. Сепак, никој не е реализиран во намерите и среќен. Од тие неисполнети желби Чехов гради студии на карактери со специфично расположение, што се граничи со промашени животи.

ИРИНА НИКОЛАЕВНА АРКАДИНА ја толкува Несрин Таир, КОНСТАНТИН ГАВРИЛОВИЧ ТРЕПЉОВ во алтернации го играат Хакан Даци и Осман Али, БОРИС АЛЕКСЕЕВИЧ ТРИГОРИН му е доверен на Селпин Керим, НИНА МИХАЈЛОВНА ЗАРЕЧНА се игра во алтернација на Стефанија Начевска и Сузан Акбелге, ПЕТАР НИКОЛАЕВИЧ СОРИН го игра Џенап Самет, МАРИЈА ИЛИНИШНА МАША е Ебру Мусли, СЕМЈОН СЕМЈОНОВИЧ МЕДВЕДЕНКО го толкува Неат Али, а ЕВГЕНИЈ АЛЕКСЕЕВИЧ ДОРН е Метин Ибрахим.

Критичарите го опишуваат „ Галеб“ како трагична драма за несреќните луѓе или како комична, горчлива сатира која ја исмева човечката глупост. На што од тоа повеќе е ставен акцент во режијата на Витошевиќ, ќе видиме на премиерата в сабота.

Сценографијата е на Костантин Трпеноски, костимографијата е дело на Роза Трајчевска Ристоска, дизајн на светло направи Васил Христов, изборот на музиката е на режисерката Витошевиќ, фотографи за претставата сними Кире Галевски , а дизајнот на плакат е на Дамјан Момировски.