Иднината на Тајван не може да ја одредуваат „надворешни сили“, туку единствено неговиот народ, а демократски управуваниот остров нема да се откаже од својата слобода, изјави денеска тајванскиот претседател Лај Чинг-те во обраќање по повод втората годишнина од стапувањето на должност.
Лај се соочува со притисоци и од Кина која тврди дека Тајван е дел од нејзината територија и го нарекува „сепаратист“, но и од САД што инаку се традиционално најважниот поддржувач на Островот.
Во говорот Лај порача дека демократијата не е „подарок што паднал од небо“.
–Иднината на Тајван не може да биде решавана од надворешни сили, ниту да биде заложник на стравот, поделбите или краткорочните интереси. Иднината на Тајван треба заеднички да ја одредуваат неговите 23 милиони жители, изјави тој.
Лај додаде дека зачувувањето на мирот и стабилноста во Тајванската Теснина и спречувањето надворешни сили да го променат статус-квото во регионот се стратешки цели на Тајван.
-Тајван е одговорен член на меѓународната заедница, а не држава што ја поткопува стабилноста, рече тој.
Тој повтори дека Тајван е подготвен, врз основа на еднаквост и достоинство, да развива здрави и уредени односи со Кина, но ги отфрли обидите „обединувањето да се претстави како мир“.











