ЛДП од надлежните бара итна и ефикасна реакција по последната одлука на Регулаторна комисија за енергетика, за поскапување на нафтата и нафтените деривати, со цел олеснување на товарот на џебовите на граѓаните.
Тие сметаат дека воопшто не е изненадувачка одлуката на РКЕ, со оглед на случувањата на Блискиот исток и воената интервенција во Иран, која ги зафати и соседните земји, сепак според нив изненадува фактот што владата делува целосно неспремно и неподготвено, иако пред само десеттина дена „нѐ убедуваа дека „нема опасност“ по државата“ велат од партијата .
Од комисијата за економија на ЛДП испратија апел до Владата, Министерството за енергетика и останатите надлежни државни институции да излезат во пресрет и да им помогнат на граѓаните.
„Доколку навистина се грижат како што велат и активно ја следат состојбата, очекуваме во наредните денови конкретни мерки и чекори за олеснување на ценовниот шок на јавноста, особено во време на висока инфлација и секојдневно зголемување на цените“, стои во соопштението.
Од Владата за почеток бараат итно привремено намалување на акцизата за увоз на горива уште во наредните денови и воведување на други мерки и субвенции, за навремено да се реагира и да се намали дополнителниот ценовен шок на граѓаните.











