Русија го зголеми до досега невидено ниво уништувањето на украинските градови, со адаптирани застарени советски бомби, во кои вградуваат модерна електроника и во исто време градат бројни писти во близина на украинската територија од кои го лансираат ова оружје. Проучувајќи сателитски снимки, снимки од беспилотни летала и руски фотографии украинските истражители лоцирале дури 50 бази од каде Русите ги лансираат овие т.н лебдечки бомби.
Забележавме дека Харков и населбите околу Харков станаа тренинг област за употребата и тестирањето на овој тип на муниција. Ако во март 2024 тие лансираа по две ракети во исто време, сега веќе лансираат по три или четири. Знаеме дека тоа значи оти го подобриле системот за да биде можно да инсталираат по три или четири ракети на авион и да ги лансираат кон мети со цел таргетирање на колку што може повеќе цивилни мети, вели Спартак Борисенко, шеф на Одделот за истраги на воени злосторства во Обвинителството во Харков.
Ваквите оружја за прв пат биле забележани во Бахмут, додека траеа жестоките борби за градот помеѓу платениците на Вагнер и украинските бранители. Руската армија ја нема потребните средства да ги заземе поголемите украински градови, и затоа се фокусира на оваа кампања на сеење терор преку нивно разурнување. На Русите им беше потребна цела година да го срамнат Бахмут со земја, но оттогаш тие непрекинато ги усовршуваат овие бомби. За уништувањето на Авдиивка беа потребни месеци, а за Вовчанск и Часив Јар само недели.
Опасност долж целата борбена линија и градовите кои се епицентар на борбите. Часив Јар исто така беше разурнат со наведувани бомби. Се чини дека и мирниот град Харков стана постојана мета на наведувани бомби, како елемент на терор, неселективено, туку масовно, вели воениот колумнист Олескандар Коваленко.
Бројот на лансирања на овие оружја се зголемува од месец во месец, во април достигна 3.000 а во мај надмина 3.200. Украинската противвоздушна одбрана засега нема противодговор за нивно пресретнување. Единствен начин да се спречат овие воздушни напади е да се бомбардираат пистите од каде се лансираат, но досега западните сојузници не им дозволуваа на Украинците да напаѓаат мети на руска територија со оружје испорачано од Западот.
Тоа значи дека непријателот ќе биде принуден да ги префрлат авионите подалеку или ќе бидат уништени на земја. Не значи дека со тоа нападите комплетно ќе прекинат, но ќе им биде потешко да ги извршуваат, вели Олех Катков Уредник на порталот „Defense Express“.
Но, овие бомби не се лансираат само од руска територија. Украинските истражители откриле 10 бази и во Белорусија, кои се користат за лансирање на ова оружје за ширење терор. Тие откриле вкупно 51 база лоцирани во радиус од околу 600 километри од украинската граница кои Русите ги користат за лансирање на овие лебдечки бомби.
Игор Трајков











