Во Лекарската комора сè уште не е пристигнат извештајот на стручната Комисија на Министерството за здравство во кој се констатираат пропусти на лекарите при третманот на 14-месечното бебе во две здравствени установи – Детската клиника и болницата во Козле. Со надзорот е констатирнао дека направена е превид во проценката за хоспитализација, но бебето не добило навреме ниту кислордна поддршка, по што почина од бронхопневмонија. Од Лекарската комора велат дека ќе одлучат како ќе постапат, откако ќе имаат увид во извештајот.
„Лекарската комора со загриженост го следи настанот. Откако ќе го добиеме извештајот од Министерството за здравство, ќе биде разгледан во Комората, а што ќе се преземе понатаму зависи од неговата содржина“, наведуваат од Лекарската комора на Македонија.
Министерот Арбен Таравари при вчерашното презентирање на наодите од надзорот рече дека извештајот ќе биде испратен до Лекарската комора и очекува сериозно да биде разгледан и да се преземат соодветни мерки. Според Законот за здравствена заштита, комората може да предложи, а министерот да донесе решение за привремена забрана за целосно или делумно вршење на одреден вид здравствена дејност на установатата. Но законот дава можност министерот за здравство и самиот да предложи Комората да поведе постапка за одземање на лиценцата на здравствен работник или преместување на друго работно место.
Покрај пропустите на лекарите, Комисијата констатираше и низа системски и технички слабости, пропусти во тријажата и во транспортниот систем од една во друга клиника, како и недостиг на апаратура за кислородна поддршка во Козле, иако оваа здравствена установа е болница за белодробни заболувања.
„Дека ни недостасува и доктори и апаратура е општо позната работа. Ние работиме на тоа да ги доопремуваме клиниките, но и што повеќе кадар да се вработи. Ќе продолжиме со ова, но преку ноќ не можеме да смениме систем кој полека колабира последните 10-15 години“, изјави министерот за здравство Арбен Таравари.
Сега јавноста очекува епилог од случајот во кој поради лекарски пропусти, системски слабости и недостиг на опрема од бронхопневмонија на Клиниката за детски болест почина 14 месечно бебе од Скопје.
Емилија Мисирлиевски











