Лицата со попреченост бараат да бидат вклучени во донесувањето закони , важни за нив и да бидат дел од собраниската Интер- партиска парламентарна група за права на оваа категорија граѓани. Овие барања тие ги искажаа на денешната промоција на новиот, осми состав на Интер- партиската парламентарна група.
- Да се оформат повеќе секции, или не знам како се вика тоа во овој дом, каде што ќе бидеме вклучени ние. Сакам во следниот мандат , дел од овие луѓе овдека, со инвалидност, да бидат на ваша страна или да станат пратеници, кажа Дејан Ѓорѓиевски од „ Мобилност Македонија“.
Пристапност до објекти, сервиси за поддршка, промени на персоналната асистенција, право на рехабилитација, ортопедска, информатичка опрема и суплементи , се нешта што им недостигаат на лицата со попреченост. Тие се пожалија и дека со парите од додатокот за попреченост и за туѓа нега , немаат услови за пристоен живот. Па, побараа да добијат повеќе средства со буџетот за 2025 година.
- Пред да го гласате , да и посочите на владата дека во буџетот треба да ја има вградено димензијата за попреченост. Тоа ви е обврска според Конвенцијата, рече Јелена Трајковиќ од „ Мобилност Македонија“.
Иако Македонија ја ратификуваше Конвенцијата на ОН за права на лицата со попреченост во 2011 година, институциите не ги спроведуваат обврските, рече Весна Бендевска, потпретседавач во новиот состав на ИППГ.
- Многу често слушам , ние треба да ги приспособиме и прилагодиме законите. Не е точно.Самата Конвенција , сама по себе е дел од овој правен систем. Работата е колку институциите ги почитуваат преземените обврски. Ќе ви кажам, воопшто не, рече Весна Бендевска- нов потпретседавач со ИППГ.
Новиот претседавач со ИППГ, Мицевски, најави организирање тркалезни маси и јавни дебати еднаш месечно во Собранието ,со вклученост на лицата со попреченост.
- Препораките кои што ќе произлезат од овие состаноци, ние како политичари понатаму да ги имплементираме на соодветен начин , согласно нашите можности и надлежности, кажа Никола Мицевски- нов претседавач со ИППГ.
Претседателот на Собранието, Гаши во обраќањето истакна дека мора да се заложиме за инклузивен образовен систем и за еднакви можности за вработување на лицата со попреченост. На настанот не беа поканети од Коалицијата „ Менуваме“, од каде бараат формирање собраниска комисија , а не Интер- партиска парламентарна група за правата на лицата со хендикеп, со објаснување дека изминатите состави не биле ефикасни. Во најновиот, меѓу вклучените се и Јован Митрески , како потпретседавач и Елена Кочоска, како технички координатор.
Сотир Трајков











