Вчитување реклама ...
Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

28-годишен вперил пиштол во глава на полициски началник но бил спречен да го застрела- обвинителството со „надградени“ информации од оние на МВР за инцидентот во Чаир

/

пред 1593 дена

Сподели преку :

28-годишниот Мерван Љоки е осомничениот кој го повредил началникот на чаирската полиција, а потоа дури извадил пиштол и му го вперил во глава. Станува збор за инцидентот за кој вчера Телма објави дека на место на настанот бил присутен и заменик директорот на БЈБ.

-Осомничениот најпрвин вербално му се заканил на полицискиот службеник, а потоа и физички го нападнал, удирајќи го со бокс во пределот на раката. Осомничениот извадил и огнено оружје – пиштол марка „Сиг Сауер“ со калибар 9 мм, со 10 куршуми во рамката, кој го поседувал без дозвола, го репетирал и го вперил кон оштетениот. Еден од другите присутни полициски службеници му ја оттурнал раката, при што осомничениот испукал еден проектил во воздух, а веднаш потоа бил совладан од присутните полицајци, соопштија од обвинителството.

Во денешното соопштение веќе се спомнува дека имало напад врз полициски началник и вперен пиштол во глава, за разлика од вчерашното соопштение на МВР каде не беше спомнат никаков напад, со забелешка дека се води истрага. Од друга страна МВР пак вчера соопшти дека откако бил совладан осомничениот, неколку лица од неговата група почнале да се влечат со присутните полицајци по што осомничениот Љоки избегал. Осомничениот се предал вчера односно ден по инцидентот.

Обвинителството бара притвор и го гони осомничениот Љоки за две кривични дела: Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи од член 396 став 1 и Напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста од член 383 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Инцидентот се случил синоќа кога началникот на ЕВР Чаир, Едмунд Муртезани постапувал и вршел контрола на службите на терен во врска со кампањата „Безбедна матурска прослава“. Но полицискиот началник за малку ќе настрадал, а во случајот вчера имаше информации за вмешаност и учество и на заменик директорот на БЈБ Ариф Асани, кој е втор човек на униформираната полиција во МВР.

Муртезани се движел со ауди, а во Чаир во близина на ресторанот „Галакси“ зад полициското возило одело мицубиши кое имало запалени флешери- ротациони светла на висина на регистарските таблички. Флешери смеат да користат само службени возила кои имаат посебни овластувања за обезбедување и за безбедносно-полициски активности, додека тоа е прекршок за цивилни возила.

Во близина на ресторанот Галакси,началникот го сопрел аудито, а возачот му рекол дека е со заменик-директорот без да прецизира на кој функционер мисли. Тогаш според информациите на Телма, Муртезани влегол во ресторанот каде на матурска прослава бил заменик-директорот на БЈБ Ариф Асани и тие се поздравиле и разговарале накратко.

При излегување од објектот, група од најмалку 5-мина поминувале од другата страна на булеварот и бидејќи го знаеле началникот на ЕВР Чаир почнале да се расправаат со Муртезани, по што осомничениот Љоки го нападнал и го употребил пиштолот (продолжува по линкот).

Судир меѓу заменик-директорот на јавната безбедност и полициски началник од Чаир поради апсење на скопјанец кој пукал пред полицајци?

Неколку извори на Телма вчера тврдеа дека заменик директорот се вклучил во решавање на инцидентот и наредувал на полицајци како да постапуваат. Во пријавата од началникот сепак Арифи не е спомнат, го нема во ниту едно соопштение (МВР и обвинителство), а осомничениот при распитот тврдел дека не го знаел ниту пак постапувал по насоки на Арифи.

Од МВР не ни одговорија официјално на прашањата за случајот и за присуството на Арифи на локација на инцидентот. Од друга страна, Арифи според сегашните сознанија на истрагата бил во објектот заедно со своето семејство на матурска прослава и не учествувал во инцидентот во кој пиштол му беше вперен во глава на полициски началник и беше пукано во воздух.

На случајот работи и внатрешна контрола на МВР.

Миомир Серафиновиќ

Целото соопштение на Обвинителството за кривичната пријава:

Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кое постои основано сомнение дека ги сторило кривичните дела – Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи од член 396 став 1 и Напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста од член 383 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Осомничениот 28-годишник, на 23 мај, пред угостителски објект на улицата „Македонско-косовска бригада“ во Скопје, нападнал и телесно повредил полициски службеник – началник на ЕВР Чаир, кој постапувал и вршел контрола на службите на терен во врска со кампањата „Безбедна матурска прослава“. Осомничениот најпрвин вербално му се заканил на полицискиот службеник, а потоа и физички го нападнал, удирајќи го со бокс во пределот на раката. Осомничениот извадил и огнено оружје – пиштол марка „Сиг Сауер“ со калибар 9 мм, со 10 куршуми во рамката, кој го поседувал без дозвола, го репетирал и го вперил кон оштетениот. Еден од другите присутни полициски службеници му ја оттурнал раката, при што осомничениот испукал еден проектил во воздух, а веднаш потоа бил совладан од присутните полицајци.

Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот, оценувајќи дека постои опасност да се даде во бегство, да влијае врз сведоците или да го повтори делото.​