И да се потпише договорт со албанската Ѓока констракшн, ќе треба да поминат две години за да се изгради и пушти во употреба една монтажна катна гаража во склоп на паркингот на клиничкиот центар.
Во повикот за јавно приватно партнерство стои дека откако ќе биде потпишан, во првите 6 месеци, фирмата треба да направи проект и да побара одобрение за градба. Откако одобрението за градба ќе стане правосилно – во 18 месеци треба да се изгради најмалку една од двете планирани катни гаражи.
Премиерот Мицкоски пак вели дека одлуката не е потпишана и зависи од мислењето на граѓаните и ставот на јавноста. Ќе се гради по физибилити студија, која првпат е направена во 2011-та и оттогаш повеќе пати е менувана.
Мицкоски на прашањата на Телма за цената на паркинг која ќе поскапи за пациентите и нивните блиски, за ангажман на Јавно претпријатие во таа инвестиција и критиките дека повеќе возила значат повеќе издувни гасови вели:
-Јас разбирам дека уредувачката политика на поедини медиуми има за цел да растури пердуви со невистини и конструкции, да обвинува неосновано, и ние сега како политичари треба да сме дефанзивни, одговори Мицкоски.
Во ТОП Тема на Телма, асистентот на Правниот факултет Константин Битраков вели дека државата треба да размисли во вакви инвестиции да ги користи многубројните јавни претпријатија, а поранешната прва антикорупционерка Билјана Ивановска порача дека мора да се мисли на еколошкиот аспект.
-Зошто јавно-приватно партнерство? Ако е државно земјиште, ако ние имаме Јавно претпријатие во Град Скопје кое стопанисувало дваесетина години со овој паркинг. Ако имаме исто така Јавно претпријатие во Општина Центар на кое може да му се даде да стопанисува, зошто се долучило да се оди на јавно-приватно партнерство. Јас ако добро разбрав станува збор само за стопанисување со паркинг простор и изградба на две монтажни гаражи. Монтажни гаражи и не е некоја сложена инвестиција, изјави во ТОП Тема, Константин Битраков.
-Со удвојување на бројот на возилата кои може да се паркираат, на што ќе личи тоа. Бомба од издувни гасови или болница ќе биде тоа, изјави во ТОП Тема на Телма, Ивановска која посочи дека треба да се знае стратегијата на државата и за јавно-приватни партнерства и за вакви објекти како што е клиничкиот центар.
Мицкоски пак наведе дека проектот е по физибилити студија наследена од претходната власт и дека проектот за да им помогне на граѓаните.
-Еве, ги повикувам, тие што стопанисуваат, тие нека најдат решение, само граѓаните да не бидат третирани онака како што досега беа третирани. И да имаме ред. Оти вака е безредие. Знаете ли колку здравствени состојби на пациенти се влошени бидејќи има таква мешаница таму. Во текот на денот, по неклку часа бидејќи не може да добијат вистинска медицинска нега. Тоа беше нашата цел. И тоа е целта на министерот. Не не интересираат ниту компании ниту еколошки бомби како што се кажува, итн. Зошто е тоа еколошка бомба уште не може да разберам, но во ред, рече Мицкоски.
На огласот кој е распишан во ноември лани се пријавила само компанијата Ѓока констракшн од Албанија. Една од големите градежни фирми кај соседот, но често била и дел од истражувања за неправилности при работата.
Фирмата партнер ќе го добие паркингот на 20 години, иако министерот Таравари тврди дека тоа ќе трае пократко до најмногу 10 години. Катните гаражи треба да ги гради приватната фирма, а државата ќе добие еден процент од прометот со наплатата на паркинг.
Миомир Серафиновиќ











