Дел од владината фасада поставена во рамки на контроверзниот проект „Скопје 2014“ попушти, а парчиња се одлепија и паднаа во кругот на владата.
Фотографијата е снимена од задната страна на владата, а парче од фасадата под кровот се одлепила од силниот ветар кој деновиве дуваше низ Македонија. Под местото на градежниот „инцидент“ поставени се полициски ленти за да не поминуваат вработени во владата или граѓани кои го користат тој пат.
Под одлепеното парче се гледа термо-изолацијата која како кошулка беше залепена на старата фасада, а забележливо е дека е оставан и простор меѓу барок-фасадата и изолацијата.
Фасадата всушност е два сантиметри широка гипс плоча која е залепена на метална конструкција која всушност е основа за античкиот изглед на оваа барок-фасада.
Обвинителството отвори истрага за измамите со материјали односно за употреба на ефтини гипс картони наместо цврст материјал за фасадата на владата. Меѓу осомничените кои добија и притвор се сопственикот на компанијата-изведувач Бауер и поранешниот директор на владината СОЗР Васе Доневски. Фасадата чинеше околу 8 милиони евра според првичниот договор, но подоцна беа склучени и повеќе анекси за доплата.
Обвинителството тврди дека сопственикот на Бауер потоа со над 140 илјади евра-незаконски прибавена значителна имотна корист за политичката партија (ВМРО-ДПМНЕ) односно купил три деловни простори во Газибаба, Центар Жупа и Крушево и по пониска цена ги продал на партијата.
Владината фасада односно зградата „преживеа“ и два терористички напади,односно испукани ракетни проектили кои завршија во делот од владата кој гледа кон Кале и кон старата Чаршија. Тие напади никогаш не беа расветлени, а последниот се случи во 2015-та.
Миомир Серафиновиќ













