Зголемен број на телефонски повици и граѓани кои лично доаѓаат да пријаваат во Агенцијата за храна и ветеринарство нерегуларности врзани за безбедноста на храната. Само во изминатиов месец се извршени над 1500 инспекциски контроли. Најголем број нерегуларности во последниве шест месеци се евидентирани во Скопје, на второ место е Охрид. Најголем проблем и понатаму е ниското ниво на хигиена и несоодветно чување на производите.
„Нашиот акцент е ставен по летните туристички места, каде што тие инспекциски контроли се засилени. Најголем број од нерегуларностите кај операторите со храна се констатирани кај храна со изминат рок, каде што рокот на храна е пробиен, во делот на добрата хигиенска пракса, добрата производствена пракса и некои други споредни работи“ изјави Бошко Стојкоски, инспекциски сектор на АХВ.
Во моментов во АХВ се вработени 180 инспектори, но според проценките на надлежните недостасуваат педесетина инспектори за да можеме да речеме дека во целост може да се покрие целата држава. Граѓаните пак низ насмевка коментираат дека е надреално да мислите дека дури и тогаш можеме да говориме дека ситуацијата е под контрола во однос на безбедноста на храната.
„Ако е 180 и ако ние имаме 5000 објекти, па пресметајте вие на еден инспектор колку му треба време да ги исконтролира сите. Тоа е еднаш во годината, ако стасаат. А што во летно време кога инспекцијата треба да биде будна цело време, за сладолед и сите други работи кои може неадекватно се чуваат. Тоа треба да се контролира“ изјави граѓанин.
„Не апсолутно не. Прашање е дали само за Скопје би завршиле работа, многу маркети имаме, а овие маалскиве таму не сум сигурен дали одат инспекториве, не сум сигурен“ рече граѓанин.
„Еве гледам по маркетите робата извадена, стои на палета, додека ја стават во фрижидер колку време ќе помине Господ знае и затоа не сум сигирен“ изјави граѓанин.
На прашањето како се случува производи кои се со поминат рок да се најдат на пазарите и дали компаниите го почитуваат договорот да ги носат на Дрисла, Стојкоски со став дека контролите се вршат во континуитет.
„Да и за сите тие најдени производи што се пуштени во промет со изминат рок се издава инспекциска мерка и решение за нештетно уништување, по јавните компании кои стопанисуваат со отпад и во присуство на инспектор на АХВ и се врши нештертно уништување на тие небезбедни производи вели Бошко Стојкоски“ инспекциски сектор на АХВ.
Засилени се и контролите во рестораните и сендвичарите, но и контрола на самата брза достава на храна на операторите кои се регистрирани во Агенцијата за храна и ветеринарство.
Нина Стефанова











