Надвор од секаква дипломатска практика. Ова е ставот на директорката на Академијата за протокол, Лукреција Маљковиќ- Атанасовска, во врска со вчерашната кавга меѓу американскиот и украинскиот претседател, Трамп и Зеленски, во Овалната соба од Белата куќа, во присуство на потпретседателот на САД, Џеј Ди Венс и новинари. Според Маљковиќ -Атанасовска, односот на силите во Овалната соба бил нерамноправен, а разговорот на висок тон и со закани создал впечаток дека Зеленски е во стапица и дека е јавно линчуван.
- Имаше прво несоодветен тон, заканувачки тон , и од претседателот Трамп и од неговиот заменик. Бројчано не беа подеднакви-2:1. Значи , се доби впечаток дека претседателот Зеленски беше во некаква заседа, во некаква стапица. И сето тоа викање и недипломатски јазик се одвиваше пред новинари. Значи, како да беше намерно, да биде едно јавно понижување, еден јавен линч, кажа Лукреција Маљковиќ- Атанасовска, директорка на Академијата за протокол.
Според Маљковиќ- Атанасовска грешки во комуникацијата имало од двете страни, но сепак доминирала американската.
- Од она што го видовме, беше впечатлив односот, викањето на страната на американските претставници. Мислам дека и претседателот Зеленски во еден момент изгуби нерви, со право. Но, како и да е , многу непријатна ситуација, рече таа.
Заминувањето на Зеленски од Белата куќа по средбата и неодржувањето на прес конференција покажува дека односите меѓу САД и Украина се нарушени. Тоа не е добро за дипломатијата и светскиот мир, смета директорката на Академијата за протокол.
- Да му забраните некому да биде гостин во Белата куќа е сериозен дипломатски чекор, гаф, а мислам дека голем дел од државите кои што се инаку сојузници на САД , ќе го следат тој пример. И тоа не е добро , во секој случај. Ниту за дипломатијата, ниту за светскиот мир, кажа Маљковиќ-Атанасовска.
Трамп и во претходниот мандат покажа дека не се одликува со дипломатски вештини , но вчерашниот скандал е нешто што до сега не се случило во светската дипломатија, дополнува Маљковиќ -Атанасовска.
Сотир Трајков











